Достапни линкови

Три нови услови за спас на Грција


Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос и шефицата на ММФ Кристин Легард.
Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос и шефицата на ММФ Кристин Легард.

Министрите за финансии на земјите од евро-зоната, синоќа во Брисел ја одложија одлуката за доделување на новиот пакет финансиска помош за Грција од 130 милијарди евра. До среда, Грција треба да исполни 3 дополнителни услови. Во меѓувреме, грчките синдикати денеска започнаа 48-часовен генерален штрајк.

На состанокот во Брисел, кој се одржа на само неколку часа откако грчките политички лидери соопштија дека постигнале согласност за новите мерки за штедење, министрите за финансии од евро-зоната поставија и нови услови за пакетот од 130 милијарди евра, за Грција да избегне банкрот. Премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер соопшти:
Прво, грчкиот парламент до недела треба да го одобри новиот пакет мерки за штедење, кој е договорен меѓу Грција и ЕУ, ММФ и Европската централна банка. Второ, дополнителни структурни штедења во буџетот, во износ од 325 милиони евра во оваа година, и трето, цврста политичка согласност од лидерите на коалиционите партнери дека ќе ја спроведат програмата.
Жан Клод Јункер, премиер на Луксембург.

„И покрај значајниот прогрес во последниве денови, се уште ги немаме сите потребни елементи за да донесеме одлука денеска. Прво, грчкиот парламент до недела треба да го одобри новиот пакет мерки за штедење, кој е договорен меѓу Грција и ЕУ, ММФ и Европската централна банка. Второ, дополнителни структурни штедења во буџетот, во износ од 325 милиони евра во оваа година, и трето, цврста политичка согласност од лидерите на коалиционите партнери дека ќе ја
спроведат програмата.“

Европскиот комесар за економија, Оли Рен, додаде дека евро-зоната сериозно ја разгледува можноста за принудување на Грција да отвори посебна фискална сметка, наменета за враќање на долговите.

„За втората грчка програма е потребна поддршка од политичките партии во Грција и цврста и ефикасна имплементација. Затоа, е потребно да ги зајакнеме нашите капацитети во Атина, и со посматрачи и со помошници.“

Министрите за финансии од евро-зоната повторно ќе се состанат в среда и доколку дотогаш Грција ги исполни поставените услови, ќе ги добие ветените 130 милијарди евра за спас од банкрот.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос изјави дека Грција е пред тешка одлука или пред уште потешка одлука. Дали ќе остане во евро-зоната или ќе ја напушти. Грчкиот конзервативен лидер Андонис Самарас, учествуваше во договорањето на новите мерки за штедење, но одби да даде писмена гаранција за нивно спроведување.

Во меѓувреме, денеска во Грција започна 48-часовен генерален штрајк, што го свикаа најголемите синдикати, против новите мерки за штедење. Во штрајкот се вклучени работниците од јавниот и од приватниот сектор, парализиран е јавниот превоз, не работат владините канцеларии, училиштата, судовите, музеите, а болниците преземаат само итни случаи. Се очекуваат големи простести и в недела, кога грчакиот парламент би требало да го изгласа пакетот мерки за кратење на буџетските трошоци.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG