Достапни линкови

Семејното насилство на театарска сцена


Јасмина Поповска и Катерина Коцевска во театарска престава „Мојот човек“.
Јасмина Поповска и Катерина Коцевска во театарска престава „Мојот човек“.

„Мојот човек“ е театарска претстава што ја потпишуваат актерките Катерина Коцевска и Јасмина Поповска. Со овој проект Македонскиот народен театар во Скопје се вклучува во кампањата за борба против семејното насилство.

Со животното и актерското искуство што го имаат зад себе, Јасмина Поповска и Катерина Коцевска стамено застануваат и пред својот нов професионален и животен предизвик. Преку проектот Мојот „човек“ што заеднички го потпишуваат тие имаат намера да проговорат за една од горливите теми не само во нашето туку воопшто во сите општества, сите култури, кај луѓето од сите раси, етнички групи, религии, полови и класи – семејното насилство.
И покрај позитивните заложби и резултати што ги има политиката и праксата, сепак семејното насилство е се пожестоко присутно на сите нивоа на нашето општество. Семејното насилство прави сериозна повреда на жената, со тоа на целокупното општество, воведувајќи ги и идните генерации.
Јасмина Поповска, актерка.

„И покрај позитивните заложби и резултати што ги има политиката и праксата, сепак семејното насилство е се пожестоко присутно на сите нивоа на нашето општество. Семејното насилство прави сериозна повреда на жената, со тоа на целокупното општество, воведувајќи ги и идните генерации“, истакнува Поповска.

Таа зад себе има цели 25 години активен театарски живот на сцената на МНТ, учествувала во проекти од антологиско значење за македонската телевизиска продукција и една е од оснивачите на женското лоби во Република Македонија.

Во претставата се говори за две жени – Биљана и Калина, припаднички на два различни света, едната интелектуалка, а другата необразована и од рурална
средина. Заедничко за обете е што се жртви на семејно насилство и како последица на тоа се сместени во центар за згрижување. Тие ја почнуваат приказната за своите животи откривајќи дека наспроти тоа што имаат погрешни партнери и различните сфаќања за животот заедничка им е несреќата што ги снашла.

И тие жени кои се совршено различни имаат една заедничка болка и така фино се поклопуваат, да е јасно дека тоа не го поштедува никого.
Катерина Коцевска, актерка.
„И тие жени кои се совршено различни имаат една заедничка болка и така фино се поклопуваат, да е јасно дека тоа не го поштедува никого“, вели Катерина Коцевска, која како гостинка од Драмски театар ја толкува Калина и го адаптираше текстот за „Мојот човек“, проектот со кој таа го започна одбележувањето на својата тридецениска уметничка кариера.

Инаку, Коцевска на штиците што значат живот дебитира во 1982 година во претставата Сврти се во гнев токму на сцената на МНТ и досега има одиграно огромен број на улоги за кои има добиено голем број на глумачки награди од кои позначајни се оние за најдобра актерка на фестивалот на Југословенскиот театар во Сараево, на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп и други.

Со „Мојот човек“, како прв комплетен продукциски проект на МНТ во оваа 2012 година, нашата национална театарска куќа се вклучува во кампањата за борба против семејното наследство, а директорот Дејан Лилиќ забележува дека тие имаат намера со него да се претстават не само на сцените во земјава туку и во регионот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG