Достапни линкови

Успешна или дипломатија од Табановце до Гевгелија


Седница на собраниската Комисија за надворешна политика, 21 декември 2011.
Седница на собраниската Комисија за надворешна политика, 21 декември 2011.

Македонската дипломатија на чело со ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи како да прави привид на надворешна политика, ама да ја продаде внатре пред македонските медиуми, обвинува опозицијата.

Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, добрососедските односи, посетите по светот, гласањето на дијаспората, се само дел од работите за кои министерот за надворешни работи Никола Попоски се пофали дека успешно се завршени оваа година.
Со натамошно одложување на заслуженото барање на преговорите не се придонесува кон решение, токму спротивното. Сметаме дека отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ е фактот кој би создал позитивна клима во овој правец.
Никола Попоски, министер за надворешни работи.
Во своето обраќање пред Комисијата за надворешна политика, Попоски рече дека очекува земјите членки на НАТО што поскоро да го разгледаат прашањето за членство на Македонија во Алијансата. А што се однесува за ЕУ, тој вели дека пресудата од Хаг може да одигра позитивна улога во надминување на билатералните разлики меѓу Македонија и Грција.

„Добрососедските односи се двонасочна улица која што не зависи од волјата и напорите само од едната страна. Владеењето на правото исто така е едно од централните вредности во европското семејство кон кое ние се стремиме. Имаме полно право да очекуваме дека сите ќе го имаат предвид при носењето на нивните одлуки. Со натамошно одложување на заслуженото барање на преговорите не се придонесува кон решение, токму спротивното. Сметаме дека отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ е фактот кој би создал позитивна клима во овој правец.

Средба на министерот Попоски со претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ во Загреб
Средба на министерот Попоски со претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ во Загреб
​Попоски наведува дека Македонија ќе остане посветена на изнаоѓање на заемно прифатливо решение на спорот за името со Грција, кое ќе им одговара на двете страни.

Од СДСМ, обраќањето на министерот го оценија како површно, без суштина.
Вие всушност го сведовте вашето обраќање на едно техничко прилично површно и празно обраќање во кое повеќе говоревте за календарските и техничките аспекти на вашите патувања, можеби некој ќе рече дека тоа беше во стилот на рекламите на Контики пат околу светот.
Игор Ивановски, СДСМ.

„Вие всушност го сведовте вашето обраќање на едно техничко прилично површно и празно обраќање во кое повеќе говоревте за календарските и техничките аспекти на вашите патувања, можеби некој ќе рече дека тоа беше во стилот на рекламите на Контики-пат околу светот“, рече Игор Ивановски од СДСМ.

Тој вели дека надворешната политика е одраз на внатрешната состојба во земјата, а министерот Попоски продолжил со континуитетот на лошо водење на надворешната политика. Тоа е надворешна политика за внатрешна употреба оценува Ивановски.

„Македонската дипломатија на чело со ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи како да прави привид на некоја надворешна политика , ама да ја продаде внатре пред македонските медиуми, не пред странските медиуми, не пред странските дипломати, не пред странските граѓани, не пред странските организации, туку едноставно да се сведе во границите од Табановце до Гевгелија.“

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски вели дека одлуката на Хаг треба да се искористи, но дека треба и Грција да покаже прагматизам за надминување на проблемите.

„Ако стопанската соработка помеѓу македонските и грчките субјекти е можна, тогаш зошто не би била можна една прагматичност во нашите политички односи“, рече Милошоски.

Пратеничката Наташа Савова од СДСМ оцени дека празниот говор на министерот е само да се прекријат пропустите во надворешната политика.

„Реалноста се темели на неколку моменти: имаме комплетно блокиран евро-атлантски процес на интегрирање, ги изгубивме сите сојузници и подржувачи на Македонија на надворешен план, доживеавме национален пораз со бришенењето на придавката македонски, и последно внатре во министерствот ги истиснавте и ги деградиравте сите искусни дипломати.“

Министерот, одговарајќи на забелешките, рече дека некои погрешни опсервации не заслужуваат коментари .

Како стратешки приоритети за следната година министерот ги наведе членството во НАТО и ЕУ, развивање на добрососедските односи, на билатералните и мултилатералните односи, зголемување на видливоста на Македонија на меѓународната сцена и грижа за македонските малцинства во соседството.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG