Достапни линкови

Груевски се надева НАТО да ја преиспита одлуката за Македонија


Премиерот Никола Груевски.
Премиерот Никола Груевски.

Груевски изрази надеж дека членките на НАТО уште еднаш ќе размислат за одлуката од Букурешт која била последица на незаконски чекор на една нивна членка.

Одбиената покана за средба од страна на лидерот на Неа демократија Андонис Самарас, која е коалициски партнер во новата Влада во Грција, говори за немањето интерес за решавање на спорoт за името. Македонската страна останува посветена за надминување на овој проблем, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
Не сакаат да остварат ниту средба, дури и тогаш кога сме на исто место во иста зграда што покажува дека не е само до финансиската криза, туку дека има сериозна намера да не се решава спорот.
Никола Груевски, премиер.

Тој уште еднаш упати апел до Самарас, но и до премиерот на Грција Лукас Пападимос да најдат начин и време да се надмине ова прашање кое ја преоптоварува Македонија, но, вели, не е доба работа ниту за нив.

Груевски, како што објавува МИА, изрази надеж дека меѓународната заедница ќе посвети повеќе внимание на овој дел затоа што „однесувањето кое што го имаме во последно време не води кон решавање на спорот“. Тој рече дека веќе шест месеци нема сериозна комуникација помеѓу двете држави и тоа поради целосната дефокусираност од страна на Грција.
Премиерите на Македонија и на Грција, Никола Груевски и Лукас Пападемос.
Премиерите на Македонија и на Грција, Никола Груевски и Лукас Пападемос.

„Еден период тоа беше објаснувано заради финансиската криза, а сега гледаме и нови моменти во коишто не сакаат да остварат ниту средба, дури и тогаш кога сме на исто место во иста зграда што покажува дека не е само до финансиската криза, туку дека има сериозна намера да не се решава спорот, што не е нешто што треба да се поздрави“, рече Груевски.
Се надевам дека во наредниот период останатите членки на НАТО ќе размислат уште еднаш за таквиот став донесен во Букурешт кој бил последица на незаконски чекор на една нивна земја-членка, односно на Грција.
Никола Груевски, премиер.

Тој оцени дека пресудата во Хаг ќе помогне во разговорите за името и е силен правен аргумент којшто би требало да делува и политички. Груевски посочи оти очекува одлуката на МСП да биде земена предвид од членките на НАТО спроти идниот самит на Алијансата.

„Се покажа дека одлуката на земјите-членки на НАТО била заснована на претходен незаконски чекор направен од страна на една нивна членка, а тоа е Грција. На база на тој незаконски чекор тие донеле заклучок каков што донесоа во Букурешт, дека Македонија ги заврши сите работи за влез во НАТО, но треба уште да најде решение за спорот со Грција за да и се овозможи влез. Тој незаконски чекор којшто го направила една нивна членка ги донела во заблуда останатите членки на НАТО и тие донеле таков заклучок дека ова треба да биде услов, односно дека решавањето на проблемот треба да биде услов за влез во НАТО“, рече Груевски.

Тој изрази надеж дека НАТО може да ја преиспита одлуката за прием на Македонија до наредниот самит на Алијансата во Чикаго.

„Се надевам дека во наредниот период останатите членки на НАТО ќе размислат уште еднаш за таквиот став донесен во Букурешт кој бил последица на незаконски чекор на една нивна земја-членка, односно на Грција“, рече премиерот Груевски.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG