Достапни линкови

„Анимакс“ - Прв фестивал на анимиран филм


Повеќе од 50 дела од 25 земји од светот ќе бидат прикажани во рамките на првиот интернационален фестивал на анимиран филм АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ.

Во годината кога се одбележува значајниот јубилеј - 40 години од првиот македонски анимиран филм, ќе ни се случи и првото издание на АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ – интернационалниот фестивал што како иницијатор и организатор го потпишува продукцијата Аурипигмент, која цела една декада работи во сферата на аудио-визуелната уметност во Република Македонија.
На манифестацијата во трите фестивалски дена ќе бидат прикажани над 50 анимирани кратки филма од 25 земји. Посебно за одбележување се и селекцијата од најдобрите филмови од лондонскиот фестивал на анимиран филм ЛИАФ и претставувањето на скандинавската школа, а паралелно ќе се одвива и детската програма во чии рамки ќе биде одржана и работилницата за најмладите насловена како Од цртеж до филм.

„Можеме да се пофалиме дека имаме подобра селекција, односно подобри филмови од некои фестивали во регионот“, ќе забележи Кузман Кузмановски, директорот на АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ.

Инаку, во пресрет на официјалното отворање во Кинотеката на Македонија беше одржана Ретроспектива на македонската анимација при што покрај Ембрион Но. М од 1971 година и Феникс пет години подоцна од Петар Глигоровски, беа прикажани изборот на филмови од Дарко Марковиќ, дела на Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ и младите Вук Митевски, Гоце Цветановски и Иван Ивановски.

Селекторот на програмата, филмскиот критичар Благоја Куновски, акцентирајќи го ваквиот потег и ќе забележи дека:

„Овој фестивал ќе значи не само рехабилитација на славата на студиото за анимиран филм при Вардар филм, туку и влевање на нова свежа крв кај новата генерација.“

Од друга страна, филмовите како Бабел на Французинот Хендрик Дусолие, Куќа на Давид Буб од Германија, Лутиот човек на Анита Кили од Норвешка, Проколнати на Ричард Фелан од Велика Британија, Изгубеното нешто на Ендру Руеман и Шон Тан од Австралија – дело кое доби Оскар за најдобар краток анимиран филм... и други, ќе бидат дел од 36-те остварувања кои ќе бидат во конкуренција за наградите за кои ќе одлучува стручното жири во состав Ан Мари Флеминг од Канада, Растко Чириќ од соседна Србија и нашиот Дарко Марковиќ.

Признанијата ќе бидат во облик на тула, а за симболиката на ваквото идејно решение Кузмановски вели дека првично тргнале од тоа дека блокадите во преносна смисла се рушат со глава, а потем го имале на ум и фактот дека анимацијата е посебна, осма по ред, цигла во ѕидот на уметностите.

„Од друга страна, тулата па претставува основен материјал за градење, ние го градиме овој фестивал од почеток и се надеваме дека ќе изградиме условно кажано, еден топол дом за сите аниматори пред се од Македонија, а и пошироко.“

Згора на ова, планирана е и средба со Флеминг и проекција на нејзиниот филм Јас сум дете на преживеани од Холокаустот. Овој настан ќе се одржи на 25 ноември од 18 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија , кој заедно со Министерството за култура го помогна одржувањето на првиот АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG