Достапни линкови

Цела Комисија ќе го „чешла“ случајот Бошкоски во МВР


Опозицијата и власта во Комисијата за надзор на мерките за следење на комуникациите никако не можат да се договорат околу работaта за случајот Бошкоски.

Собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите во целосен состав ќе го посети МВР за да изврши увид околу примената на посебните мерки во случајот на лидерот на ОМ Љубе Бошкоски. Овој последен предлог, кој беше ставен на дискусија не го поддржаа членовите на владејачкото мнозинство кои кажаа дека дискутабилно е дали понатаму ќе учествуваат во носењето заклучоци за овој случај. Тема на оваа седница требаше да биде точката за определување членови на работната група за увид во документација на МВР. Претседателот на комисијата Тито Петковски рече дека преформулирањето на заклучокот е направено за да се најде форма како да се направи увид во документацијата.

„Јас не тврдам дека е повреден законот, но имаме обврска да провериме затоа што тоа министерство преку портпаролот признало дека има посебни истражувања. Значи вие едноставно немате намера оваа Комисија да функционира, министерката одоговорила ништо не е направено незаконито и се е во ред, тогаш ајде да провериме, затоа сме Собрание.”
Љубе Бошкоски
Љубе Бошкоски

Од претходната седница кога беше донесена одлука да се формира работна група, комисијата не напредуваше воопшто. Ставот на владејачкото мнозинство беше дека би учествувале во групата само доколку имаат мнозинство. Ставот на останатите членови на Комисијата беше дека треба да се формира група од тројца членови, од кои мнозинството би го имало опозицијата.

По најновото преформулирање на заклучокот, Талат Џафери од ДУИ оцени дека начинот на работење на комисијата е во знакот на надгласувања.

„Јасно е дека комисијата може да работи и без мое присуство и евентуалното мое учество во оваа Комисија ќе биде под знак прашалник за евентуалното носење на заклучоци.“

Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека смета оти Комисијата сака по секоја цена да ја истурка тезата дека во случајот на Бошкоски бил прекршен законот, што е спротивно од одговорот на министерката Јанкулоска.

„Од тие причини барам ние да сме мнозинство во тоа работно тело, бидејќи не верувам дека има искрени намери. Барам како контрабаланс на ова тело, каде што вие имате мнозинство како опозиција, сепак владејачкото мнозинство да има мнозинство, да изврши увид.“

Останатите членови од опозицијата го подржаа заклучокот Комисијата во комплетен состав да побара посета на МВР и увид во документацијата за случајот „Кампања“. Николче Ацевски од НСДП рече дека Комисијата треба да го спроведе она за што има мандат.

„Комисијата понатаму поднесува извештај во Собранието каде што вие имате мнозинство. Значи нема потреба да барате никаков баланс.”

На денешната седница се кажа и дека имало премолчани договори надвор од Комисијата. Се што има се обиди Комисијата да се отргне од ќорсоскакот и да се работи онака како што е предвидено со законот, рече Петковски.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG