Достапни линкови

Надеж меѓу стечајците


Еден од многуте протести на стечајните работници
Еден од многуте протести на стечајните работници

Стечајците се надеваат дека владеачкото парламентарно мнозинство ќе има слух и ќе го изгласа предлог законот за стечајните работници доставен од опозиционите партии.

Предлог законот за стечајните работници кои опозициските партии го доставија во парламентот, е добар знак, дека некој мисли на тие луѓе, вели Лилјана Георгиевска, претставник на стечајните работници. Се надевам дека парламентарното мнозинство ќе има слух за нашите проблеми и ќе го изгласа предложениот закон, вели таа.

„Цела македонска јавност виде со што се соочувавме ние стечајците, како не „газеа“, како не тужеа и сега е шанса, ДУИ како една сериозна албанска партија да даде согласност и така би се решил нашиот проблем.”

Со законот за стечајни работници СДСМ бара сите невработени лица поради приватизација на претпријатијата во кои работеле, да примаат надомест од Буџетот во висина од 30 проценти од просечно исплатената месечна плата во државата. Условите кои треба да ги исполнуваат се да имаат 15 години стаж, 50 години старост за жени и 53 за мажи, најавија од СДСМ.
Георгиевска не се сомнева во намерите на опозицијата да ги заштити стечајците.
Протести на стечајците
Протести на стечајците

„Зошто најверојатно и тие имаат увидено дека имаат направено грешка во минатото и мислам дека сакаат да ја исправат таа грешка, бидејќи цела опозиција знае како се трошат народните пари, а народот трпи за леб.“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се воздржуваат од коментари за предложените измени во законот за стечајни работници. Од пратеничката група на оваа партија велат дека се заинтересирани да ги слушнат мислењата на колегите од СДСМ и ставот на надлежниот министер, но дека засега се уште немаат изграден став за ова прашање.

Демократската Унија за интеграција смета дека е легитимно право на пратениците да доставуваат предлог закони, но и од таму велат дека се уште не се запознаени со суштината на предлог измените.

„Во принцип сметаме дека стечајните работици се загрозена категорија на граѓани, па затоа со право тие бараат внимание и решение“,вели Сузана Салиу од ДУИ.

Покрај предлог законот за стечајни работници, опозицискиот фронт предложи и измени и дополнувања на законот за социјална заштита, со што се бара сите трошоци кои се однесуваат на поднесување на документи за остварување право на парична помош да бидат на товар на државата. На овие барања итно одговори првиот човек на министерството за труд и социјална политика, Спиро Ристовски кој деновиве официјално потврди дека корисниците на социјална помош во иднина сите документи ќе ги добиваат бесплатно.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG