Достапни линкови

Монографија „Перото на прилепските новинари“


Промоција на монографијата „Перото на прилепските новинари“ во Прилеп.
Промоција на монографијата „Перото на прилепските новинари“ во Прилеп.

„Перото на прилепските новинари“ е насловот на монографијата посветена на сите оние кои се родени и нешто напишале за Прилеп, помогнале во неговата промоција и развој.

Бројни граѓани почнувајќи од Марко Цепенков па до денес кои што оставиле зад себе пишан текст што третира теми од прилепското секојдневие се во фокусот на авторот, Драги Башески и самиот спортски новинар со децении. Судии, професори по македонски јазик, спикери, книжевници, доктори, спортисти... и многу други граѓани од различни бранши во период од два века кои што дале свој придонес или на кој било начин соработувале со пишаните и електронски медиуми во градот и пошироко се дел од оваа публикација. Башески го објаснува мотивот за макотрпниот повеќегодишен труд, додека оваа монографија „виде бел ден.“

„За денес, утре и во вековите, луѓето кои информирале за Прилеп, луѓето кои минале низ трње, горчеливи денови, но и многу пофалби за успешно напишаните материјали кои ќе бидат историја за овој град, за оваа Република Македонија“, порача авторот Драги Башески.

За денес, утре и во вековите, луѓето кои информирале за Прилеп, луѓето кои минале низ трње, горчеливи денови, но и многу пофалби за успешно напишаните материјали кои ќе бидат историја за овој град, за оваа Република Македонија.
Драги Башески, автор на монографијата.
За новинарот, писател и истражувач Тренчо Димитриески оваа монографија е пионерски обид, по област да се мобилизираат настаните, вредностите и личностите во градот и во Општината.

„Книгата е одлична, немам забелешки, мислам еден голем број на новинари кои делувале во Прилеп, кои влијаеле на јавноста на некој начин се собрани тука. Имаме за нив биографии, имаме пример како го работеле тоа.“

Според Олгица Тодороска и Љубен Котески, новинари кои по затворањето на локалниот Центар за печат, радио и телевизија својата кариера ја продолжија во прилепските фирми, ова дело на Башески е голема придобивка за идните генерации.


„Па навистина многу значи, сум пријатно изненадена, возбудена, му благодарам на колегата Башески, за сето ова што го направил, за сите нас.“

„Треба да има вакви дела, за младите генерации да видат, да научат, кои новинари за што пишувале, колку придонеле.“

А, еве како гледаат прилепските новинари врз актуелниот миг од развојот на новинарството во градот. Кои се доблестите, а кои се слабостите.

Треба да има вакви дела, за младите генерации да видат, да научат, кои новинари за што пишувале, колку придонеле.
Љубен Котески, новинар.
„Прилепското новинарство, малку ќе бидам нескромна, но е во врвот на новинарството во Македонија, голем, неизбришлив печат дало, а заедништвото меѓу новинарите недостасува да бидеме искрени, ќе направи да се поместат работите многу подобро и кредибилитетот секогаш да остане на страната на новинарите“, акцентира Елизабета Митреска, дописник на Македонско радио.

И Гордана Цветаноска, која работи како слободен новинар, за повеќе редакции со своја оценка:

„Мислам дека треба да се организираме и на општинско ниво, а и на републичко многу повеќе, да воспоставиме нови стандарди со кои понатаму нема да примаме секој и секого во оваа фела, туку само оние кои знаат и умеат да работат и на таков начин сами ќе се заштитите.“

А, Наташа Мирческа новинар и писател со апел до сите свои колеги.

„Новинарите се под влијание на она што како политика и власт се случува во Прилеп. Многу сме силни, ако го направиме она што знаеме во себе дека треба да го направиме, да го напишеме, да го кажеме, гласно и јасно, бидејќи не треба да се плашиме, бидејќи вистината е секогаш на страната на новинарот, вистинскиот новинар во секој случај“, оценува Мирческа, долгогодишен соработник во поранешниот Центар за печат, радио и телевизија Прилеп, кој што во ветровите на транзицијата како и останатите 10 јавни локални медиуми згаснаа со закон, а армија новинари ја изгубија својата егзистенција пред речиси пет години.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG