Достапни линкови

Металург во европскиот ракометен крем


Илустрација: Ракомет
Илустрација: Ракомет

Металург стартува во групната фаза во Лигата на шампионите. Играчите и стручниот штаб оптимисти за пласман меѓу 16 најдобри екипи во Европа.

По две годишна пауза македонскиот клупски ракомет се враќа на врвната европска сцена. Заслужен за тоа е Металург кој пред три недели се избори за настап во групната фаза од Лигата на шампионите. Таа ќе стартува в сабота кога во Скопје ќе гостува словенечкиот Цимос Копер, а во групата Ц, нашиот првак по два пати ќе игра и со германскиот Хамбург и рускиот Санкт Петерсбург, романската Констанца, како и со полската Висла. Станува збор за квалитетни екипи, но, општо е мислењето, дека со исклучок на Хамбург, тоа се тимови кои може да се совладаат.
Јавноста има право да бара влез во осминафиналето, но тоа нема да биде ни малку лесно, затоа што Козлина и Матиновиќ уште заздравуваат од операциите, а Мојсоски и Миркуловски се мачат со повреди.
Лино Червар, тренер на Металург.

Затоа домашната јавност очекува Металург да биде првиот наш клуб кој го освоил најмалку четвртото место во групата и се пласирал во топ 16 на Лигата на шампионите. Тоа е желба и на тренерот Лино Червар, кого во моментов повеќе од противниците го загрижува неповолниот здравствен билтен на екипата.

„Јавноста има право да бара влез во осминафиналето, но тоа нема да биде ни малку лесно, затоа што Козлина и Матиновиќ уште заздравуваат од операциите, а Мојсоски и Миркуловски се мачат со повреди. Тоа е сериозен хендикеп во ситуација кога за 3 недели треба да одиграме 4 меча. Затоа е тешко да се ветува нешто, освен дека сигурно ќе дадеме се од себе за да го оствариме и нашиот сон - пласман меѓу 16-те најдобри во Европа“, рече кормиларот на четирикратниот шампион и исто толку пати победник во Купот на Македонија.

Слично размислуваат и играчите, кои даваат пооптимистички изјави, а пикерот Ванчо Димовски вели:
Добивме противници со кои може да се игра. Значи, влегуваме во секој натпревар на победа. Мислам дека нијанси ќе пресудат на секој меч.
Ванчо Димовски, играч на Металург.

„Добивме противници со кои може да се игра. Значи, влегуваме во секој натпревар на победа. Мислам дека нијанси ќе пресудат на секој меч. Најпрвин да не послужи здравјето, кога ќе се вратат повредените сите да останеме здрави и во комплетен состав да одиме натаму.“

Првиот тест за реалноста на ваквите амбиции, металурзите ќе го имаат в сабота против Цимос Копер, клуб со многу подобар рејтинг, но ривал над кој, со поддршка од трибините во салата Борис Трајковски, може да се извојува победа, смета крилото Стевче Алушовски.

„Се работи за доста квалитетна екипа, но и ние сме квалитетна екипа. Нашите шанси ги гледам во играта во одбрана. Играме пред домашна публика се надевам пред преполни трибини ќе може да ја извојуваме првата победа што ќе ни ги отвори вратите за топ 16.“
XS
SM
MD
LG