Достапни линкови

Денеска ракомет, Македонија – Хрватска


Во 18 часот, во рамките на квалификациите за ЕП во Данска и Норвешка, македонските ракометарки ја пречекуваат репрезентацијата на Хрватска. Гостинките се петтопласирани од последното ЕП, а нашите ракометарки ќе бараат шанса за изненадување.

Без притисок за победа, но со скриен оптимизам дека може да ги освои двата бода, македонската женска ракометна репрезентација го очекува денешниот натпревар со Хрватска. Тој од 18 часот ќе се одигра во СРЦ Кале, а е во рамките на квалификациите за ЕП, кое во декември ќе се одржи во Данска и во Норвешка. Противникот е главен фаворит во нашата група, во која по две кола ние сме на второто место, кое води на Еуро. Затоа и во нашиот табор повеќе размислуваат за мајскиот дуел со конкурентот за втората позиција - Холандија, а средбата со коцкестите ја гледаат како искуство повеќе во битката за исполнување на целта - пласман на собирот на најдобрите на стариот континент. Сепак, според селекторот Јошко Петковиќ, тоа не значи и дека немаме мотиви за изненадување на петтата селекција од последното ЕП.

„Ќе играме против репрезентацијата која е најквалитетна во нашата група и која, според мене, ќе се бори за висок пласман и на Европското првенство. Затоа, доколку Хрватките играат како што знаат, ќе ни биде многу тешко да извлечеме поволен резултат. Но, од друга страна, тоа е дополнителен мотив за нас, против еден вака силен противник да дадеме максимум и да сториме се за да останеме непоразени, што ќе биде голем успех. Спортски е да се надеваме на такво нешто, иако треба да бидеме реални и да признаеме дека противникот е голем фаворит.“

Петковиќ не крие дека бил поголем оптимист пред три дена. Но, ситуацијата ја промени повредата на Јулија Портјанко, што, дополнето со завршувањето на кариерата на капитенот Наталија Тодоровска, уште повеќе го ослаби националниот тим. Поради тоа и репрезентативките се воздржани во изјавите, во кои, сепак, не пропуштаат да кажат дека и ние имаме свои адути за пресметката во Кале.

„Ако успееме да ги победиме Хрватска ќе бидат големи два бода за нас, и да загубиме нема да биде смак на светот. Наш адут е борбеноста и срцето наше, хендикеп е што нема да игра Партенко и ќе бидеме ослабени со нејзиното отсуство“, рече голманката Тања Андреева.

Инаку, на 4 кола пред крајот на квалификациите во нашата седма група, прва е Хрватска со максимални 4 бодови, еден повеќе од Македонија. Третата Холандија, единствениот бод го освои со ремито на домашен терен против нас, а последната Литванија се уште е на нула.
XS
SM
MD
LG