Достапни линкови

Дневен печат


Поставувањето на споменикот на Александар Македонски, протестите на младите, посетата на делегацијата на ММФ, дел од темите во дневните медиуми.

Кревањето на споменикот на Александар Македонски на постаментот во Скопје, за жал ги засени протестите на младите во главниот град против полициската бруталност и обидот од страна на МВР да се забошоти одговорноста за убиството на младиот Мартин Нешкоски. Да се каже вистината, протестите на младите најревносно ги следат само А1 и АлфаТВ и Време и Утрински, додека другите, главно провладини медиуми ги игнорираат.

За тоа дека политиката вмеша прсти во маршот на младите со контрапротест на група други млади, за кои се покажа дека се членови на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ пишува „Утрински“, а Време забележува дека маршот на младите ќе продолжи во наредните денови и покрај високите температури.

Утрински, исто така пишува дека омбудсманот Иџет Мемети формирал тричлен тим за следење тортура и друг вид свирепо, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, а по повод информациите дека со притворениот Љубе Бошкоски во затворот во Шутка се постапувало нечовечки.

За апсолутно „историчната и романтична атмосфера“, во Скопје при поставувањето на споменикот на Александар и дека Александар стигна, дека Европа е очајна, а Груевски – задоволен пишува Нова Македонија.



„Филип се исправи во Битола, Александар и Букефал се споија во Скопје“, пишува Утрински. Од својот дописник во Атина, Утрински јави дека „Воинот на коњ ги загрози преговорите“, а Дневник јавува за нови обвинувања од страна на Грција преку изјавата на новиот шеф на грчката дипломатија, Ламбринидис.

Медиумите ја следеа и посетата на делегацијата на ММФ во Скопје, секој со поенти од аголот на својата политичко-партиска ориентација. „Да не се трошат повеќе парите од ММФ“, информира Утрински, „Владата преидзборно удри по кредитот од ММФ и по денарската каса и победата изеде 120 милиони евра“, забележува Време, а Вечер од посетата ја вади поентата дека индустрискиот раст и следната година требало да продолжи по нагорна линија.

И малку за партискиот живот - Вечер, како многу загрижен за состојбите во опозициската СДСМ, пишува дека оваа партија одби да се реформира – односно, дека Црвенковски и натаму ќе ги предводи социјалдемократите.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG