Достапни линкови

Неделен печат


„Електоратот не покажа зрелост“, „Изборниот модел спас за Груевски“, „Лекција од народот“ – дел од насловите во неделниците.



Глобус - Се уште сме далеку од демократија

Разбирливо, и по изборите - избори. „Електоратот не покажа зрелост“, е насловот на анализата на резултатите од вонредните парламентарни избори во најновото електронско издание на Глобус. Власта направи се' за да ги добие изборите и во тоа успеа, продолжува неделникот за да заклучи дека во Македонија, за жал, се' уште сме далеку од демократија, затоа што кај нас или се изнудуваат или се купуваат гласови. Народот, за жал, не покажа зрелост ниту на овие избори. Во ситуација кога веќе неколку години немаме ниту една сериозна странска инвестиција, невработеноста го достигнува својот максимум, задолженоста на државата е највисока од осамостојувањето до сега, нерешен е спорот со Грција, стандардот на населението е најнизок во регионот, евроинтеграциите стојат во место, имаме невиден медиумски мрак, а граѓаните кои наводно го дале својот глас по сопствено убедување сметаат дека не е дојдено време за промени?! Каде згрешивме, ќе се прашаат многумина, завршува Глобус.

Фокус - Мнозинството е против Груевски

Фокус смета дека изборниот модел го спасил Груевски. ,,Кој ќе му каже на пастирот дека мнозинството е против него?“ - прашува во колумната неделникот, за да забележи дека власта победи, но само според бројот на мандатите. Освоените гласови го тврдат спротивното, пишува Фокус. Опозициските гласови, сите на купче, ги надминуваат сите оние на Груевци. Кога на нив ќе се додадат и албанските гласови, станува јасно дека мнозинството е против нив.

За жал, тоа му е јасно секому, освен на Пастирот, кој очигледно мисли
дека допрва добил мандат за апсолутистичко владеење! Како уште не сфаќа дека треба свеќа да му пали на изборниот модел кој му подари 56 пратенички места, прашува Фокус. На страна срамниот начин на кој стигна до нив, од „демократски“ чифлик до „бројна“ Австралија! - го коментира неделникот начинот на гласањето на дијаспората, со само околу 2 000 гласа да се добијат тројца пратеници.

Форум - Лекција од народот за политичарите

За „Лекцијата од народот“, пишува во едиторијалот Форум, поточно, дека народот ја испрати својата порака до политичарите: за Црвенковски дека интензивната кампања и контактите со граѓаните и митинзите не се доволни да се убедат гласачите дека токму СДСМ е партијата која треба да владее во наредните четири години. Од друга страна, иако ВМРО-ДПМНЕ е победник на изборите, бројот на гласови кои отидоа на сметка на опзицијата би требало да биде опомена за власта да престане со трошење многу народни пари за скапи хирови, да се воздржи од селективно појавување на омилени телевизии и да држи лекции по новинарство и најважно од се', да запре со омаловажување на сите кои мислат поинаку, порачува Форум во најновиот број.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG