Достапни линкови

Ваши коментари - И беа избори


Бројни коментари на нашата интернет страница за изборите и на новото прашање во рубриката Хајд Парк за тоа што треба да биде приоритет на новата влада.

И беа избори, и завршија, баба ми ќе кажеше, сполај му на бога, е сега што треба да биде приоритет на новата влада?

Тоа е и нашето ново прашање во Хајд паркот каде што вие, почитувани, си го кажувате мислењето. Инаку, во редовната видеоанкета што го следи нашето прашање, граѓаните главно очекуваат приоритет на новата влада да биде намалување на невработеноста и зголемување на платите.

Редовниот слушател и испраќач на пораки 3Г од Ливерпул смета дека во Македонија тешко било фабрики да се градат, а дека фабрики тебале да бидат нивите - солидни и редовни субвенции и подобрување на условите за производство. Инаку тој предвидува дека и новата влада на Груевски ќе коалицира со ДУИ и дека Македонија ќе оди по новата делница трасирана со Манифестот-2015.

Некој слушател потпишан со „Јас“ од Гостивар пишува вака: Очекувам НИШТО како и досега. Очигледно разочаран почитуваниот слушател продолжува: ќе си ги полнат банките а ние ќе си ринтаме ко волови за слама во приватниве фирми кои ќе ни ја цицаат крвта неосигурани, непријавени. Со среќа нека ни е, пишува „Јас“ од Гостивар.

Избори 2011
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00


Костадин од Велес смета дека новата влада мора да го реши проблемот со името за да можеме да влеземе во НАТО и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Во спротивно, пишува Костадин, со нашите партии водени од нивните диктатори и со ваков изборен модел само ќе стоиме во место и ќе ја испитуваме границата на трпеливост на овој народ.

Од новата влада, пишува слушател потпишан со Објективен од Скопје, очекувам да глуми дека го слуша народот, а да си прави по свое. Е, овој коментар, се чини, навистина објективен.

Снеже од Скопје го коментира нашиот прилог со наслов „Изборите ја зголемија инфлацијата“ очигледно задоволна од напишаното, па вели: Крајно време беше за издржана економска анализа.

Дека граѓаните ни се интересираат и за други нешта, покрај за политиката, кажува резигнираната порака на Јован од Скопје кој предизвикан од неделното интервју на Радио Слободна Европа со националниот координатор за климатски промени во Македонија, Теодора Грнчаровска Обрадовиќ, коментира: Нема потреба од повеќе, качете се на Водно и погледнете што прави Желзарницата и колку го загадува Скопје, а сите ние го дишеме тоа.

Разбудете се луѓе, не' трујат, извикува на крај Јован. А јас велам, нека ни е на здравје.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG