Достапни линкови

Ешдаун: Балканот во ЕУ е наш интерес


Судењата на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ нудат можност за запирање на враќањето на регионот во ново крвопролевање. Ова го наведува поранешниот висок претставник на меѓународната заедница, Педи Ешдаун, во неговата анализа објавена во весникот Тајмс. Според него, Европската унија не треба на Балканот да гледа како на регион што е надвор од нејзините граници.

Западен Балкан денес не е веќе експанзивна територија надвор од границите на Европската унија. Тоа е остров на нестабилност и потенцијален извозник на криминал во рамките на границите на Унијата. Затоа носењето на Балканот во Европската унија веќе не е проширување преку нашите сегашни граници, туку тоа е комплетирање на процесот на унифицирање на Европската унија во сегашните нејзини граници, наведува Педи Ешдаун, набројувајќи неколку, како што наведува, солидни причини зошто е така.

Најпрвин, тоа е единствениот начин да се обезбедиме дека нема повторно да бидеме во опасност од овој нестабилен регион. Второ, регионот е дом на единствената европска муслиманска популација која им е приврзана и на европските стандарди и на исламските уверувања. Да се обезбеди тие да станат интегриран дел од ЕУ, а не одвоена енклава во нејзините рамки е потврда дека нашата Европа е вистински мултикултурен и мултирелигиозен простор. Конечно, регионот е богат со природни и човечки ресурси. Станува збор за луѓе со силна интелектуална и културна историја чиј придонес ќе ја збогати Унијата“, наведува Педи Ешдаун.

Тој, меѓу другото, потсетува дека постојат проблеми кои ги сумира преку она што во разговорите му го кажале Ратко Младиќ и еден неименуван британски владин претставник.

Педи Ешдаун

Првиот бил воден за време на опсадата на Сараево, при што Младиќ му рекол дека не сакал да го заземе градот, затоа што на таков начин го окупира вниманието на меѓународната заедница, а во меѓувреме тој можел да прави што сака.

Вториот разговор бил кога се вратил во Лондон, каде што еден британски претставник, на неговото барање за интервенција за да се спречи крвопролевањето, му рекол:

„Не Педи. Тие секогаш на Балканот се бореле меѓу себе. Тие секогаш ќе се борат. Најдобро ќе биде да ги оставиме сами да изгорат.“

На тоа, како што пишува Ешдаун, му одговорил дека ако постоело некогаш некој регион кој постојано се борел со илјадници години, тоа не бил Балканот, туку Западна Европа.

„Ние во Европската унија најдовме бегство од нашата историја. Како тоа да им го оспоруваме и ним?“

Судењета во Хаг против Младиќ и Караџиќ кои беа главни архитекти на балканскиот хорор му нудат на регионот единствена шанса да престане да живее во минатото и да се концентрира на изградба на единствената иднина која може да им даде мир и просперитет, целосно членство во Европската унија и во НАТО.

Но, за да биде тоа така, Унијата мора исто така да ја подигне играта. Европската унија мора да почне да го третира западниот Балкан како регион, а не како мали држави со мали сопствени политики, наведува, меѓу другото, Педи Ешдаун во текстот објавен во весникот Тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG