Во извештајот на Валентин Инцко, како што јавува нашиот дописник Никола Крастев, е претставена мрачна слика за земјата, која 16 години по војната е повторно на работ на пропаста. Државните инситуции на Босна и Херцеговина, како што изјави Инцко пред 15-члениот Совет за безбедност, е парализирана повеќе од седум месеци. Нема изгледи за формирање на новата влада, економијата е во надолно движење, и Република Српска му се заканува на интегритетот на земјата.
Мојата земја се противи на наметнување решенија и идејата за суспензија
е опасна.
Станува збор за намерата на Република Српска да биде одржан референдум за надлежностите на судските институции и одредени ингеренции на високиот претставник, односно за овластувањата кои му даваат дискреционо право да поништи или да наметне одлуки во рамките на Босна и Херцеговина и да суспендира избрани функционери. Инцко на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, му даде рок од една недела да се откаже од референдумот или да се соочи со суспензија. Во неговиот извештај се вели дека референдумот би претставувал сериозна повреда на Дејтонскиот мировен договор и предзнак за отцепување на Република Српска.
Ставови на Србија и на Хрватска
На соседите на Босна, Србија и Хрватска, иако не се членки на Советот им беше дозволено да дадат изјави на седницата. Феодор Старчевиќ, постојан претставник на Србија во ОН, изјави дека Белград има своја линија на комуникација со Република Српска, но исто така, и дека целосно ги почитува Дејтонскиот мировен договор и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Но, тој исто, така посочи дека Србија не го поддржува планот на Инцко за суспендирање на претседателот Додик, ако не се откаже од референдумот во рокот од седум дена:
„Мојата земја се противи на наметнување на решение, бидејќи решенија треба да дојдат само од страна на легитимно избраните политички претставници на граѓаните. Сметаме дека идејата за суспензија на претставници на одредени народи е опасна.“
Според Старчевиќ, предложениот референдум во врска со надлежностите на судската власт во Босна и Херцеговина нема никаква врска со територијалниот интегритет на државата и не го крши Дејтонскиот мировен договор.
Преставникот на Хрватска Ратко Виловиќ, од друга страна, изјави дека неговата земја го смета референдумот како опасен и контрапродуктивен експеримент.
„Ние веруваме дека оваа одлука треба да се промени, затоа што го поткопува уставната структура на земјата. Ако референдумот се одржи, тоа може да поттикне нови тензии во земјата и во регионот.“
Виталиј Чуркин, постојан претставник на Русија во ОН, го критикуваше извештајот на високиот претставник Валентин Инцко. Русија, смета дека е неприфатливо произволно спроведување на т.н. бонски овластувања, со кои му се дава на високиот претставник да решава спорови и разрешува функционери во Босна и Херцеговина.
Педро Серано, в.д. шеф на делегацијата на Европската унија во Светската Организација изјави дека Унијата целосно ја поддржува работата на високиот претставник и неговите акции во врска со предложениот референдум во Република Српска кој е чекор во погрешна насока. Серано, исто така, порача дека ЕУ ги интензивира напори за да се олесни пристапот на Босна и Херцеговина во европските структури.