Достапни линкови

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат...
Весници, магазини, неделници, печат...

Ставововите на поранешниот амбасадор Ристо Никовски и случувањата околу евентуалните избори главна тема во дневните весници.

Голема бура во медиумите предизвикаа ставовите на поранешниот амбасадор Ристо Никовски напишани во колумна во Нова Македонија, дека Фуере, Рикер и сличните да си одат што побргу, ако може и без поздрав. Речиси сите медиуми ја пренесоа и изјавата на Милошоски дека ставовите на Никовски не биле официјални ставови на државата, како и соопштението од Кабинетот на претседателот на државата дека тоа биле индивидуални ставови на член на неформално тело при Кабинетот.

Ова, пак, од друга страна, во опозициски настроените медиуми беше пречекано со забелешкадека во соопштението од претседателскиот Кабинет и во изјавата на министерот нема ниту оградување од тој став на Никовски и оценето како тактика на власта за изолирање на нашава земја од меѓународниот фактор и најмногу, за пореметување на односите со нашиот стратегиски партнер кој не' призна под уставното име, САД.

Во истовреме, и изјавата на Иванов дека мрачни умови продуцираат мрачни сценарија, што Утрински ја објави како наслов, а Иванов ја даде како коментар на изјавата на професорот Фрчкоски за А1ТВ дека доколку власта не обезбеди фер и демократски избори поради што опозицијата би ги бојкотирала, на денот на гласањето ќе се случат улични нереди, весникот ја толкува како испраќање пораки од страна на претседателот на државата од предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Истиот весник ја пренесе и изјавата на министерката Јанкулоска по истиот повод во текст со наслов: „Кавга за можно изборно насилство“, при што ги цитира заканите на Јанкулоска дека власта е подготвена со сите сили и средства да ги спречи заговорниците на мрачните сценарија, како што рече, за попречување на демократските процеси по пат на насилство и улични нереди.


Вечер, во наслов објавува дека „Државата гарантира дека СДСМ нема да може да ги спречи граѓаните да гласаат на избори“, правејќи инсинуации дека наводните нереди се веќе готова работа.

„Власта со сила ќе ја тера дијаспората на гласање“, пишува Време, потсетувајќи дека неколку месеци пред изборите не се знае колку се гласачи во дијаспората и каде можат да гласаат.

„Гласот на дијаспората поважен од процедурата“, насловува Дневник, кој додава дека власта остана глува на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР кои се сомневаат дека државата има капацитет да спроведе избори надвор од својата територија.

Нова Македонија вели дека „Дијаспората ќе гласа, и тоа скапо“, пренесувајќи ги мислењата на експертите дека поради неподготвеност на државата, избраните пратеници од нашинците од странство може да бидат прогласени за нелегитимни. Главно опозициски настроените медиуми речиси со иронија јавија дека Груевски на Конгресот по трет пат бил избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ без ниеден противкандидат и со 609 од 610 гласа на присутните.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG