Достапни линкови

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат
Весници, магазини, неделници, печат

Порастот на цените, случувањата на Кале, посетата на Груевски на Вашингтон - главни теми во дневниот печат.

Дневник ја пренесува изјавата на министерот Ставрески дека „нема опасност од нова инфлација“, а од друга страна, Утрински информира дека граѓаните се нервозни и бесни од постојаниот пораст на цените, а дека власта посочува дека цените будно се следат. Време насловува дека буџетските проекции паѓаат во вода и дека трошоците за живот се зголемиле за повеќе од три отсто и дека инфлацијата излегувала од контрола.

Кој си игра со Кале?


И во меѓувреме, на Скопје му се случи меѓуетничката тепачка на Кале, што го наведе Утрински да праша „Кој си играше со оган на Кале?“ и “Дали ни се случува реприза од 2001?“, а Време да констатира дека „Во битката за рејтинг, прва жртва е соживотот“. Време консултира и аналитичари кои сметаат дека Груевски и Ахмети свесно ја туркале државата во амбис со умерено дестабилизирање, но дека работите веќе им се оттргнале од контрола, што според аналитичарите, мора сите да не загрижи.

Вечер изнесува тврдење засновано врз информации од МВР дека Албанец вработен во холандската амбасада го предизвикал меѓуетничкиот инцидент, а во изданијата во изминатите денови постојано ја форсира и тезата дека СДСМ и Црвенковски се виновни за инцидентот и дека дури подготвуваат и нов за в сабота со организирање на своите сопартијци и симпатизери од цела Македонија!


Нова Македонија ги анализира мултиетничките општества и во наслов констатира дека „Живееме еден покрај друг, а не еден со друг“. Дневник, во колумна од еден активист за човекови права прашува „Според чие сценарио беше воениот филм ’Републиката во пламен - битка за Тетовското кале во 2001‘, и кој сака да снима продолжение ’Битка за Скопското кале‘?“.

Дневник, исто така, информира дека единицата за борба против компјутерски криминал на МВР добила налог да ги затвори страниците на социјалната мрежа Фејсбук што повикуваат на пресметки за Скопското кале.

Груевски во Вашингтон


Посетата на премиерот Груевски на Вашингтон го наведува Утрински да тврди дека премиерот таму го очекувал остар и жесток притисок за името, а насловот на информацијата ја кажува тезата на весникот дека „Американците ќе кажат, а Груевски ќе реши што понатаму“.

Нова Македонија забележува дека покрај името, за време на посетата ќе бидат отворени и прашања како што се слободата на медиумите и владеењето на правото.

Интересирање кај медиумите предизвика и контроверзната констатација на Антикорупциска која смета дека Тодоровски, Мијалков и Канчевска се „чисти како солза“, како што забележува Утрински, а Време констатира дека тоа било скандалозна одлука на Комисијата за спречување криминал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG