Достапни линкови

Концерт на Венко Серафимов


Венко Серафимов
Венко Серафимов

Една вечер со Венко Серафимов и пријателите е насловен камерниот концерт, а перформансот заедно со оној одржан минатата недела во Битолскиот народен театар му е посветен на починатиот македонски режисер Димитар Станковски, со кого гитаристот го врзува искрено пријателство и работа на повеќе проекти.

Венко Серафимов, македонскиот гитарист, член на легендарните КОНКОРД и потоа на БОДИГАРДС, автор на филмска и театарска музика, наново ги собра своите музички сопатници за да не потсети на неговото творештво во изминативе три и повеќе децении. Средбата овојпат е закажано да се одржи во Драмски театар во Скопје и доаѓа нецела недела по онаа што се одржа во Битолскиот народен театар. Така на сцената крај него и овојпат ќе се најдат басистот Кокан Пандиловски, член на оригиналната постава на ТРИАНГЛ и потем и на КОНКОРД, групите кои ја испишуваа историјата на македонскиот рокенрол, клавијатуристот од истата постава Зоран Пехчевски, тапанарот Трајко Каров, гитаристот Зоран Павловски Зозо од ПАРАМЕЦИУМ и младата Светлана Јовановска, пејачка во ИНФЈУЗ и кавер-бендот САУТ ПАРК.

Инаку, ако не се бројат свирките по клубовите со ПАРПЛ-ЦЕПЕЛИН каде Серафимов е гитарист и настапува со екипа која со леснотија ја претресува светската рок енциклопедија, ова ќе му биде негов прв позначаен проект што и го преставува на публиката по цели две години од настапот на скопскиот Блуз и соул фестивал.
Обата камерни концерта, оној во Битола и овој во Драмски театар, Венко Серафимов му ги посветува на починатиот режисер Димитар Станковски, со кого го поврзува долгогодишно искрено пријателство и работа на повеќе заеднички претстави.

„Нашиот ден почнуваше наутро во осум часот, во оној кафе бар Штрк. Ќе дојдеме наутро, ќе измолчиме добар пола час и потоа секој ќе тргне на своја страна, или ќе тргнеме некаде заедно.“

Тој дополнува дека перформансот, слично како и театарска претстава, ќе биде уникатен, нема да има реприза и дека музичарите ќе дозволат да ги понесе атмосферата. Дури како што самиот забележува не го цементирале ни репертоарот што ќе го свират иако знае да каже дека во план им е покрај големите хитови како Високи штикли и црни чорапи, Под Пелистер, Скопје, Сарај, Матка, Лага и измама, Еј ти младо момче ...да посегнат и по песни кои никогаш и не биле ставени на носач на звук.
Од друга страна, говорејќи за своите натамошни исчекори Серафимов потенцира:

„Продолжувам да ја работам онаа работа што ми е примарна, ова е некоја провокација, меѓутоа не е тоа некоја амбиција да седнеме и да снимиме албум. Не велам не, но едноставно не е поводот на оваа екипа да тргнеме во тој правец.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG