Достапни линкови

Во Њујорк средба за името


Од МНР велат дека преговарачот Јолевски ги добил потребните насоки за претстојната средба, но детали не соопштуваат.

Посредникот на ОН во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц по синоќешната средба со двајцата преговарачи во Њујорк, изјави дека нема нов предлог, но оти двете страни изразиле подготвеност да ги продолжат разговорите за наоѓање решение за прашањето за името. „Атмосферата беше многу добра. Двете страни ги презентираа своите позиции. Има позитивно расположение да се реши проблемот“, изјави Нимиц. Како прогрес во процесот тој ги оценил минатогодишните средби на премиерите Груевски и Папандреу, кои, како што вели, имале позитивно влијание во напорите да се дојде до решение. Пред заедничката средба во неговата кацеларија на Менхетен, Нимиц претходно и одвоено разговараше со двајцата преговарачи. Нимиц и преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис синоќа, како што јавува МИА, имале и заедничка работна вечера.

До средбата во Њујорк дојде по барање на Нимиц, кој подолго време не закажуваше средба под образложение дека нема нови моменти во разговорите. Во Министерството за надворешни работи велат дека по извршените консултации со државниот врв, преговарачот Јолевски ги добил потребните насоки за текот на разговорите, но детали за тоа какви инструкции добил, не соопштуваат.

Неодамна во интервју за нашето радио, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски изјави дека очекува оваа средба да биде прилика во која штоо двете страни уште еднаш ќе ја потврдат својата поддршка за господинот Нимиц и за самиот процес што се води во Обединетите нации, со цел, како што рече, да се отстрани чувството и сомнежот дека некој намерно или случајно го маргинализира процесот.

Милошоски и Друцас

Милошоски додаде дека инструкциите кој Јолевски ги доби од државниот врв се во насока на зголемување на довербата меѓу двете страни , што пак може да биде еден од условите за приближување на различните ставови на двете засегнати страни.
Во меѓувреме пропадна обидот да се сретнат Милошоски и Друцас на неодамнешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на процесот на соработка во Југоисточна Европа. Поради лошите временски услови, Милошоски не отпатува во Црна Гора, иако оваа средба на министерско ниво ја иницираше македонската страна.

Инаку неодамна шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас изјави дека позицијата на Атина е добро позната, име со географска одредница за севкупна ипотреба. Главните стратешки цели на грчката надворешна политика посочи дека се познати, долгорочни и прифатени од големото мнозинство на политичките сили во земјата.

Повеќето експерти се сомневаат дека најновата средба на медијаторот и преговарачите ќе донесе нешто ново, особено по најновиот развој на настаните во земјата и внатрешно-политичките случувања. Упатените прогнозираат дека ова ќе биде формална и протоколарна средба која само ќе ги даде насоките за натамошниот тек на разговорите.
Македонија, како што најави шефот на македонската дипломатија, на новата рунда разговори очекува да биде потврдена посветеноста на двете земји на процесот во ОН и на продолжување на дијалогот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG