Достапни линкови

Интервју - Диме Спасов


Диме Спасов
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:04 0:00

Агенција за млади и спорт

Верувам дека младите во Македонија имаат перспектива. Податоците за одлив на млади луѓе се невистинити.


Господине Спасов, работењето на Агенцијата најчесто се поврзува со изградбата на спортските сали во земјава. Но, што всушност агенцијата прави во насока на подобрување на квалитетот на живеење на младите?
Како мерки со кои се подобрува квалитетот на живеење на младите, покрај она што го спомнавте, изградбата на спортски објекти, што е еден од нашите приоритети. Со нив, всушност и се подобрува квалитетот на живеење на младите луѓе, со сите оние сали, тениски и фудбалски игралишта и останати спортски објекти се подобрува на еден начин квалитетот на живеење на младите. Од друга страна, со стипендиите кои ги даваме на 500 млади и талентирани спортиски исто така придонесуваме за подобрување на квалитетот на живеење на младите. Од трета страна, го отворивме првиот Младински информативен центар во Прилеп, заедно со општина Прилеп и коалицијата за младински организации „Сега“ којшто служи за информирање на младите, нуди бесплатен Интернет им ги прави достапни сите информации на младите, образованието, културата, спортот. Така што преземаме неколку мерки со кој влијаеме на подобрувањето на квалитетот на живеење на младите.

Што зборуваат информациите од теренот, какви се резултатите од овие проекти?
Информациите од теренот кажуваат дека сите проекти кои се спроведени во насока на подобрување на квалитетот на живеење на младите ги даваат посакуваните резултати. Јас велам, секогаш може и подобро и повеќе, но сепак треба да се земе предвид и реалната ситуација и средствата со кои располагаме како Агенција за млади и спорт во насока на поддршка на најразлични видови проекти. Но, ги правиме сите напори да го постигнеме она што го очекуваме на терен.

Последните истражувања говорат дека голем број млади се невработени. Во таа насока, има ли Агенцијата стратегија за интегрирање на младите во работниот процес?
Стратегијата за вработување ја прави Агенцијата за вработување на Република Македонија, додека Агенцијата за млади и спорт решавањето на овој проблем го врши на начин на поддршка на проекти, на здруженија на граѓани, на организации и асоцијации кои имаат проекти за надминување на проблемот на невработеноста, или поддржување на едукација за доусовршување на младите, исто така поддршка на проекти за обука на претприемништво итн. Секако дека преземаме одредени мерки, но главната стратегија ја прави Агенцијата за вработување.

Како според вас денес најлесно може да се дојде до работно место?
Според мене до работно место доаѓа секој млад човек којшто вложува во своето образование, формално и неформално. Најлесно добиваат работно место профилите на млади луѓе кои имаат високо образование. Пред се, неколку струки кои се бараат на пазарот на труд, информатичарите, градежните и електро инженери. Сметам дека има одредени профили каде што има недостататок од високо образован кадар во Република Македонија.

Но, има голем број млади луѓе кои се со тоа високо образование, но сепак не успеваат да најдат работа. Мислите ли дека можеби пресудна е партиската книшка или роднинските врски?

Не би се согласил со таа констатација, сепак сметам дека пресудно е образованието и способноста на одредена личност.

Ве плаши ли понекогаш предизвокот да бидете на оваа функција, со оглед на недоволното искуство и вашата возраст?
Видете, не ме плаши, ова е предизвик со кој јас се соочувам и пробувам да направам се за да ја докажам довербата којашто ми е дадена, меѓутоа исто така и да го сработам сето она што е потребно да се направи и да го подобрам работењето на Агенцијата за млади и спорт и да направам многу повеќе. Во однос на мојата возраст, јас имам 25 години, можеби некој ќе рече дека сум млад и неисусен, работам од млади години, имам работно искуство и сметам дека тоа не е проблем. Кога зборуваме за искуство што го носат годините, јас пробувам да го надополнам со тимот кој е околу мене во кој има и повозрасни луѓе кои имаат долгогодишно работно искуство коешто си го носат годините, така што онаа аномалија којашто ја кажавте во однос на младоста, пробувам да ја надополнам на тој начин. Но, верувам дека понекогаш младите години нудат повеќе можности во однос на вложување повеќе труд и напор.

Но, ќе се согласите и одредени ризици?
Во секој случај.

Како го коментирате фактот што голем дел од младите сонуваат да работат во јавната администрација. Ве прави ли оваа работа среќен?
Мене оваа работа ме прави пред се исполнет. Денот ми е исполнет со големи обврски и со реализирањето на тие обврски и работни задачи, тоа ме прави среќен во секој случај. Инаку, според мене има доста примамливи работни места во приватниот сектор. Не е само јавниот сектор оној кој може да понуди вработувања, бидејќи работните места во јавниот сектор се ограничени и не се доволни за оние кои ги бараат, но навистина се ограничени и не може да се проширува јавниот сектор, туку напротив треба да се крати согласно сите укажувања на меѓународната заедница.

Претпоставувам дека не сте тука поради поволностите од типот на службен мобилен телефон, автомобил?
Во никој случај, јас од претходното работно место каде што доаѓам имам пониска плата за отприлика 15 проценти, така што во никој случај не сум за поволностите кои ги нуди оваа функција, бидејќи тие се мали, а обврските големи. Сепак, јас сум дојден на ова работно место да направам нешто добро за државата.

Во јавноста има информации дека токму вашата агенција стои зад непотпишаните кампањи, од типот Стоп за абортусот, Не летувајте во Грција итн. Има ли вистина во тоа?

Тоа е шпекулација, нема вистина и категорично ги отфрлам како невистинити. Сепак проектите кои ги поддржува Агенцијата за млади и спорт се во насока на подобрување на спортската инфраструктура и поддршка на нашите спортски репрезентативци и поддршка на проекти кои го подобруваат животот на младите.

Гледате ли перспектива за младите во земјава и како го коментирате одливот на мозоци надвор од земјата?
Одлевањето на млади луѓе од нашата земја сметам дека тоа се податоци кои се невистинити. Ако ги земеме фактите и аргументите, ќе видиме дека се повеќе се зголемува бројот на ученици кои завршуваат факултет, кои се запишуваат на факултет и се повеќе ученици кои се запишуваат во средно. Така што сметам дека одливот на младите луѓе не го прифаќам како такво. Многу млади луѓе патуваат надвор, можеби дел бараат работа и сакаат да работат во странство, но верувам дека е голем процентот на млади луѓе кои се надвор од Македонија, бидејќи тоа аргументите и фактите го негираат, се зголемува бројот на студенти и на млади луѓе со високо образование. Во однос на вашето прашање дали верувам дека има перспектива, во секој случај верувам за тоа работиме и се трудиме и верувам дека во Македонија младите имаат.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG