Достапни линкови

Неделен печат


Изборите на нов претседател на ЗНМ, тема во Фокус и Форум. Глобус, пак, донесува тема за се почестите иселувања во странство на младите од источна Македонија, бегајќи од сиромаштијата.

За комичното портокалово сценарио за преродба на Здружението на новинарите на Македонија пишува, покрај другото, неделникот Фокус, во најновиот број со главен наслов со чуденка на крајот: „Латас ќе ги спасува новинарите од партиска контрола!“. Повод е, се разбира неуспешното изборно собрание за ново раководство на новинарското здружение, при што, како поента се извлекуваат прашањата дали новинарското ’племе‘ е зрело за демократија и зошто еден безмалку двегодишен напор за стокмување демократски статут на ЗНМ беше искористен како шанса за организиран пуч под диригентската палка на семоќниот Пастир? Потоа авторот на текстот објаснува зошто се сомнева во портокалово сценарио за, како што вели, преродба на новинарското здружение: генерално, заради нивните исконски пориви да завладеат се живо и диво. Конкретно, пак, според информацијата од генералниот секретар на Здружението, дека вечерта, во петокот, пред саботното изборно собрание, во рок од два-три часа околу 15 директори или газди на локални медиуми се интересирале како да ги зачленат своите новинари во ЗНМ - наведува Фокус.

За


„Компромитиран избор“, пишува во уводникот и неделникот Форум. Битен е фактот, заклучува неделникот, дека власта преку своите луѓе по медиумите, се обиде да направи класичен упад во изборното собрание на ЗНМ со намера да го контролира новинарскиот еснаф. Веројатно некој не е задоволен со освојувањето и контролирањето на сите државни и локални функции, на сите институции, па дури и на невладиниот сектор, па пружи рака и кон новинарскиот еснаф, заклучува, покрај другото Форум, наведувајќи интересни информации: дека на денот на изборот на новото раководство се појавиле 17 наводни новинари од Радио Свети Николе кое, како што наведува авторот, во најдобрите денови имаше вкупно двајца новинари? Или тоа што од весникот Вечер се побарани седум новинарски легитимации за графички дизајнери!

И неделникот Глобус пишува за новинарството во Македонија и за „Разобличените лаги и заборавените вистини“, но, внимание привлекува една интересна тема за која ретко се интересираат нашите медиуми: проблемот со егзодусот од источниот дел на Македонија кој добива драматични димензии. Особено ако се има предвид фактот дека овој дел од државата никогаш не бил печалбарски настроен, дека луѓето тешко се одлучувале да го напуштат родното огниште и биле задоволни со скромен стандард. „Истокот се празни со страотна брзина“, со крупни букви ја насловува Глобус статијата во која го изнесува податокот дека од 110 илјади жители во 13 општини, над 10 илјади, исклучиво млади луѓе, заминале на работа во странство. Се наведува и истражувањето на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово за квалитетот на животот по региони, кое покажало дека најнесреќните и најнезадоволни луѓе живеат токму во Источниот регион на земјава.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG