Достапни линкови

Тајни преговори со талибанците?


Денеска се навршуваат девет години од американската и НАТО инвазија врз Авганистан. Вчера во Кабул пак, се одржаа разговори меѓу претставници на талибанските бунтовници, на авганистанските власти и на пакистанската влада, со цел подготовка на теренот за преговори за завршување на војната во Авганистан.

На разговорите учествувале дел од членовите на авганистанскиот Мировен совет во кои има претставници на власта, поранешни муџахедини и талибански лидери.


Весникот Вашингтон пост објави дека тајните разговори биле во прелиминарна фаза и оти за прв пат на нив учествувале и авганистанските талибанци базирани во Пакистан и под водство на Мула Мохамед Омар.

Сепак, се дознава дека на разговорите не дошле претставници на групата талибанци за која се смета дека била поврзана со пакистанските разузнавачки служби и која сега била главна цел на американските напади со беспилотни авиони.

Абдул Хамид Мубарез кој како член на авганистанскиот мировен совет учествувал на состонокт вели:

„Ако не бев убеден во напредокот на овие разговори, немаше ни да учествувам во нив, ниту пак во Мировниот совет.“
Луѓето во Авганистан се уморни од војување и пакистанската влада има клучна улога во овие разговори, бидејќи талибанците имаат свои засолништа во Пакистан. Тие се под пакистанско влијание.

Според него, главна цел на разговорите е развивање механизам за поспецифични разговори со талибанците за завршување на војната.

„Луѓето во Авганистан се уморни од војување и пакистанската влада има клучна улога во овие разговори, бидејќи талибанците имаат свои засолништа во Пакистан. Тие се под пакистанско влијание“, вели Мубарез.

Тој наведува дека талибанците, со продолжувањето на авганистанската војна, ќе станат проблем и за Пакистан.

И Соединетите Држави сметаат дека дојде вистинско време за преговори со талибанците. Командантот на НАТО-силите во Авганистан, американскиот генерал Дејвид Петреус деновиве изјави дека тоа треба да биде и една од целите на владата на претседателот Хамид Карзаи.


Сепак, во Вашингтон сметаат дека веројатно е прерано да почне процесот за реинтегрирање на талибанските борци во авганистанското општество.

Се наведува дека претходно треба да се создадат подобри безбедносни услови на теренот.

Портпаролот на Стејт депертментот Филип Кроули одби да каже дали Белата куќа однапред знаела за разговорите во Кабул, но додаде дека ваквите дискусии се составен дел од американската стратегија за Авганистан.

„Ако ги погледнете конфликтите, треба да има акција, како на воена, така и на политичка страна. Помирувачкиот елемент и реинтеграцијата се дел од политичката димензија на нашата стратегија. На крајот на краиштата, бунтовите почесто завршуваат поради политички договор, а не поради воен пораз“, изјави Кроули.

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама ги поддржува обидите на авганистанската влада да започне мировни преговори со талибанските бунтовници, кои, како што е сооштено, треба да се откажат од насилството и од поддршката што и ја даваат на Ал Каеда и да ветат дека ќе ги почитуваат авганистанските закони.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG