Достапни линкови

Земјоделски загуби


Уништени земјоделски насади поради невреме
Уништени земјоделски насади поради невреме

Поради невремето и поплавите во прилепскиот регион, посевите се речиси уништени, а земјоделците во дилема како ќе ги покријат штетите.

Горан Бурчески од прилепското село Сенокос е долгогодишен земјоделец, тој така ја обезбедува егзистенцијата за своето семејство. Годинава посеал пченица и тутун, со надеж дека ќе заработи за живот и за подготовка на следната, есенска сеидба. Но, наместо да го собира родот од 14-те хектари со жито, тој сега не знае како ќе ги покрие трошоците, зашто поплавите од зимата ги уништија посевите. А, земјиштето го добил под концесија од Министерството за земјоделство. Но, вели наместо да добие помош од државата, сега тој ја помага, плаќајќи големи штети, кои се последица на со години неисчистените речни канали.
Приносите на места беа добри, меѓутоа на места од преголеми води изгина житото и воопшто немаше, некаде воопшто не влеговме со комбајнот. Јас имам лично земено земја од државата под концесија на 15 години, меѓутоа ако веќе ни дадоа земја, треба и малку да се погрижат да се одводни таа земја, да се направат канали, да се среди, во спротивно нема ништо да биде


,,Приносите на места беа добри, меѓутоа на места од преголеми води изгина житото и воопшто немаше, некаде воопшто не влеговме со комбајнот. Јас имам лично земено земја од државата под концесија на 15 години, меѓутоа ако веќе ни дадоа земја, треба и малку да се погрижат да се одводни таа земја, да се направат канали, да се среди, во спротивно нема ништо да биде, ќе ја вратиме таа земја назад и нека лежи.“

Не само Бурчески, во иста состојба е и неговиот соселанец Раде Јаковлески. Тој годинава евидентирал загуби од 4 до 5 тона, зашто на неговите ниви скоро и да не никнало жито. Тоа што е собрано не е доволно за да се прехрани неговото 6 члено семејство.

,,Произведувам жито, имам околу 40 декари, просекот ми испадна некаде 250 килограми имам околу 10 тони жито, во однос на минатата година кај мене се намалени за 100 килограми, сигурно приносите. Па,тие најмногу јас мислам дека се најмногу од поплавите штетите...па спрема лани сум помалку некаде со 3 до 4 тони.“

Жителите на Сенокос, но и на сите други села во Прилепско, сега бараат помош од државата, зашто невремето и поплавите од зимоска кај сите предизвика сериозни штети од по неколку илјади евра. Сега земјоделците не знаат како што велат, како да врзат крај со крај.
Имаме поддадено за субвенции, се уште немаме добиено пари, кога ќе ги пуштат не знаеме

Сите бараат помош од државата и зголемување на субвенциите од најавените 8000 на 12.000 денари, а откупната цена на пченицата барем да достигне до 12 денари за килограм.

,,Имаме поддадено за субвенции, се уште немаме добиено пари, кога ќе ги пуштат не знаеме.Осум илјади денари по хектар, јас мислам дека е малку. Не треба да биде помалку 12.000 денари на хектар.“

,,И таа субвенција да биде дадена на време, нам кога ни треба, а не тие кога имаат средства..еве жетвата заврши, а субвенциите се уште не се дадени..треба да почнеме да ораме, да угариме по наше кажано..треба пари од некаде да дојдат, а житото ни стои во амбари, не можеме да го дадеме за 8 или 9 денари, бидејќи сме во загуба.“

Од регионалниот сојуз на земјоделци „Клас„ бараат и итна исплата на субвенцијата, зашто ако не ги добијат парите, земјоделците не ќе може да ја реализираат есенската сеидба.
Од најголемиот откупувач во регионот „Жито-Прилеп„ засега не размислуваат да ја зголемат откупната цена на пченицата повеќе од сегашните 8 денари за килограм. Тврдат дека реколтата во Пелагонија нема да ги задоволи потребите за лебно зрно, па ќе бидат принудени квалитетно жито, да увезат од странство, практика која се повторува последниве години, откако е урнат монополот за откуп, а мелничарско-преработувачките капацитети функционираат според законите на пазарната економија.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG