Опширна анализа на политиката на премиерот и лидер на владејачката партија Груевски и на последиците од неа по Македонија и нејзините граѓани, под наслов ,,Дупло голо,, објавува во најновиот број неделникот ,,Глобус,,. Дали зад плаштот на ,,волјата на народот,, може да се скрие срамот поради огромните долгови и хипотеки со кои партијата на власт и Груевски ги нагрбуваат следните генерации кои ќе живеат на овие простори, прашува авторот на текстот кој смета дека владејачката партија прави хаос во државата, а дека инсистирањето на хаосот во буквално сите сфери на општеството е монструозен обид на граѓаните да им се инјектираат нови дози скептичност, кои секојдневно можат да се слушнат секаде околу нас, дека од нас држава не бидува. Или можеби и бива, ама само партиска и строго контролирана од ,,големите братучеди,, деноноќно подготвена на улични патриотски изблици за одбрана на идентитеот и античкото семселе, на митингување низ кое со песни ќе се заборави гладот и бесперспективноста и ќе се одржува лажната слика за ,,уличната,, сплотеност на народот и на неговите идоли…констатира,,Глобус,, одговарајќи си сам на прашањето. Уводникот на ,,Фокус,, со наслов ,,Бранко го става народот меѓу чеканот и наковалната,, е во неговиот познат стил – и против едните и против другите. Од една страна, пишува, луѓето се плашат да излезат на бунт против Груевци, за да не се најдат веднаш на нивната црна листа. Од друга страна, продолжува неделникот, се плашат да не се најдат и на другата листа, Бранковата, доколку не го следат неговиот повик за протестен митинг пред владата. ,,Фокус,, смета дека во секој случај не им бега запишувањето во нечиј црн тефтер и дека е прашање на проценка: дали народот повеќе се плаши од скорото враќање на Б.Ц. или од подолгото останување на Груевски на власт? – прашува неделникот во својот уводник. Во него се наведува дека последната анкета на американскиот ИРИ говори за, како што пишува, трокирање на Преродбата на сите можни фронтови и дека се топи довербата во секое можно ветување кое безмалку до вчера се голташе без размислување, небаре еликсир за вечен живот, констатира ,,Фокус,,. И ,,Форум,, се занимава со најавениот митинг на СДСМ за кој вели дека ќе биде ,,Мерка на рејтингот,, на оваа партија. Митингот кој најголемата опозициона партија го најави како будење на опозицијата и почеток на битката за предвремени избори е прв тест за популарноста на Црвенковски и за моќта на опозицијата, пишува неделникот. Организирањето големи народни собири кое го наметна ДПМНЕ, сега го презема и опозициската СДСМ, исто како што беше случајот со таканаречената негативна медиумска кампања што во континуитет ја водат двата табора, а што познавачите на маркетингот ја нарекоа дегутантна и контрапродуктивна. И свикувањето митинзи сега оди по истата шема “copy- paste”, пишува ,,Форум во најновиот број.
Анализа на политиката на Груевски, митингот на опозицијата и стравот меѓу луѓето за (не)појавување, се дел од темите што ги донесуваат неделните весници.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете