Достапни линкови

Дневен печат - „Состојбата е под контрола, а оружјето?“


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

Дневниот печат изминативе денови главно донесува статии за пронајденото оружје на Блаце и безбедносната состојба во Македонија. Весникот Време, темата ја насловува како „Состојбата е под контрола, а оружјето?“, воедно пренесувајќи мислења на експерти кои бараат претпазливост при оценките дека безбедносната состојба во државата е под контрола.

Откриен таен бункер со оружје, експлозија на непозната направа, метеж по аптеките, на економијата и се заканува колапс, Гоце и Даме дојаваа на плоштадот… Се' се ова случувањата во изминатава недела за кои пишуваат и јавуваат медиумите во Македонија. Да не знае човек од каде да почне.
Гнездото откриено, кој го ’снесол’ оружјето?

Економските состојби не ни се розови, но велат, без сигурна безбедносна сосојба нема ни живот, односно подобар живот. „Безбедноста на нишан“, ја насловува Дневник информацијата за откривањето на бункерот со оружје на македонско-косовската граница. „Гнездото откриено, кој го ’снесол’ оружјето?“, прашува Нова Македонија, а Време, исто така прашува - „Состојбата е под контрола, а оружјето?“, објавувајќи во истовреме мислења на експерти кои бараат поголема претпазливост при оценките искажани од официјални лица дека безбедносната состојба во државава е под контрола.
Кругот на фабриката Макстил - место на експлозијата

Вечер, од своја страна, се занимава со откривање ексклузивни сценарија за тоа како опозицијата на чело со СДСМ работела на создавање перцепција за дестабилизација на меѓуетничките односи, за да се вратела на власт?!
Долговите притискаат
врз фирмите.


Сите медиуми ја пренесоа информацијата за оценките на домашните познавачи на економските движења искажани на собирот во Скопје дека „Државата станува зависник од постојаното надополнување на буџетот со продавање државни и еврообврзници, а за да не банкротира приватниот сектор, експертите побараа итно да се намалат непродуктивните расходи“, како што насловува Утрински. „Долговите притискаат врз фирмите“, пишува Дневник, а Време ги цитира економските познавачи дека најдраматична била ситуацијата со пензискиот фонд, кој според нив, бил пред колапс, а дека државата ќе немала пари ниту за плати. Вечер, на насловната, објавува дека мисијата на ММФ, пред да си замине од Македонија, оценила дека нашата економија закрепнува, како и оценките на министерот Ставрески дека од идната година ќе почнела да се движи кон позитива.
Со новите високи цени на лековите Фондот ги излажа пациентите.


„Со новите високи цени на лековите Фондот ги излажа пациентите“, објавува Време, пишувајќи за големите турканици по аптеките поради недостиг на лекови на рецепт и зголемувањето на нивните цени.

За експлозијата на, отпочеток непозната направа, а потоа дека тоа било руска ракета, која се случи во скопска Железарница пишуваа сите медиуми без исклучок.

„Гоце и Даме јаваат покрај Камениот мост“, се главно насловите со кои весниците го одбележаа поставувањето на спомениците на овие двајца македонски великани, со тоа што сите, со исклучок на Вечер, критички се осврнуваат на фактот дека тие се поставени речиси скришно, во раните утрински часови. Вечер, во насловот констатира дека „Македонија сега може и да ја види својата историја.“
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG