Достапни линкови

Модерната цивилизација далеку од селото Мраморани


Село Мраморани
Село Мраморани

Иако на само десетина километри од Прилеп, во селото Мраморани цивилизацијата како да не допрела. Околу 60-тина жители во селото живеат без вода, со слабо осветлување и руинирана патна инфраструктура. Главно се занимаваат со земјоделие, но велат заработувачката е слаба.

На само 10 километри од Прилеп, во долненското село Мраморани 60-тина жители во 20 стари, руинирани куќи живеат како во времеплов. Во селото нема вода, има слабо осветлување, патиштата се калливи и тешки. На проблемите им нема крај. Додека мажите од рана изутрина заминуваат да го носат добитокот на пасење, домаќинките одат по вода. Најлесно им е на оние семејства кои што имаат бунари во дворовите, другите се принудени по неколку пати во денот да се качат до чешмата на ридот, каде полнат вода со часови, за да ја одржат колку што можат хигиената во домот. А, најтешко им е на оние кои со запрежни коли одат во соседното село Сенокос да молат за капка вода.
Народов ти е 20 куќи, колку сме, толку сме и деца мали имаме и се...треба вода за нив..за се треба вода, да се измиеш, да се искапеш, да се испериш, тоа е срамота да нема вода во селава


„Народов ти е 20 куќи, колку сме, толку сме и деца мали имаме и се...треба вода за нив..за се треба вода, да се измиеш, да се искапеш, да се испериш, тоа е срамота да нема вода во селава“, вели Пара Јорданоска.

Сите жители се снаоѓаат како што знаат и умеат, а на маките велат не им се гледа крајот. За изборите тврдат им ветувале дека проблемот веднаш ќе биде решен, но по изборите останале истите маки.
Тврди и Сребра Ристеска:

„За гласањето само ископаа, уште еднаш не дојдоа да не видат. Тогаш трчаа сите градоначалниците.„ние вода ќе донесем, ние ова, ние она„ кога дојде ред, ништо.“
Нема никој вработен, по 23 години децава не вработени..јас еве двајца синови имам невработени, јас невработен


Во Мраморани се жалат жителите нема никакви услови за живот,ниту за младите, ниту за повозрасните. Сите произведуваат тутун, одгледуваат добиток, но немаат ни денар заработувачка, па немаат пари дури ни куќите да ги поправат.

„Нема никој вработен, по 23 години децава не вработени..јас еве двајца синови имам невработени, јас невработен.“

„Плата нема..од што..четворица сме ..две машки и јас..никој..“

„Децата да се вработат..ни деца вработени, ни ништо, сите дома седиме..од што да чекаме..еден тутун и тој ..работи го..па некогаш плати го..некогаш не..се мачиме..шест души сме.“

Им стои и житото во амбарите, немаат пласман за сирењето...тврдат политичарите не доаѓаат да ги посетат, надлежните да им понудат решение за нивните проблеми. Овие луѓе велат ја изгубиле надежта и во партиите и во државата.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG