Достапни линкови

Скромно за Велигден


Пазарџиите се жалат дека годинава прометот им е намален и дека не се чувствува вообичаената раздвиженост пред Велигден. Граѓаните велат дека празникот ќе го прослават скромно бидејќи цените се високи, а џебот се попразен.

Јајца, јагнешко и зеленчук - производи кои се задолжителни на секоја трпеза за време на велигденските празници. Но граѓаните се жалат дека баш поради празникот цените на пазарите се повисоки и дека нивната трпеза ќе биде посиромашна, бидејќи немаат пари. Тоа го потврдуваат и пазарџиите кои се жалат дека од година во година имаат се помалку промет. Од туристичките агенции, пак, се задоволни од заинтересираноста на граѓаните слободните денови да ги поминат надвор од земјава.

Цените на пазарите високи, пари нема

Цената на еден килограм јагнешко се движи од 280 до 400 денари. Цената на една табла јајца изнесува од 120 до 180 денари. Доматите се продаваат по 100 денари, а краставиците по 80 за килограм. Граѓаните велат дека на пазарите се е скапо за нивниот џеб, па затоа оваа година Велигден ќе го поминат поскромно.

„Па, скап е пазарот за Велигден. Да наполниш една торба и ќе отидат 500 денари, а нема ништо за јадење. Особено краставиците, патлиџанот.“
„Скапо е се. А, мали примања. Некое јајце, марулка, кромидче и некое батаче.“
„Пазарот е поскап од кога и да било. Голема сиромаштија.“

Тезгите на пазарите се полни со производи. Но пазарџиите велат дека луѓето ги купуваат најосновните работи кои им се потребни и дека ја нема онаа вобичаена раздвиженост како во минатите години за време на празникот.

„Годинава е малку послабо, луѓето немаат пари, криза голема и тоа е тоа. Најмногу зеленчук се зема.“
„Нема посебна раздвиженост, како секој ден е.“
„Ништо не се троши, многу слабо.“

Туристичките агенции задоволни од побарувачката

Но има и граѓани со подлабоки џебови, кои можат да си дозволат да отпатуваат и да го прослават празникот некаде надвор од земјава. Понудите за Велигден во туристичките агенции веќе се распродадени. Александар Чоневски од една туристичка агенција вели дека оние со помали примања се решааваат за поефтините тури со автобус во околните земји, а оние кои имаат повеќе пари да издвојат ги одбираат поскапите дестинации со чартер летови.

„Искрено, овој пат јас лично сум многу позитивно изненаден, од одзивот на граѓаните. Наполнивме неколку групи. Со тоа што има дел граѓани кои одат со поевтините автобуски тури, и популација која оди со поскапите авионски тури. Дестинации коишто ние ги нудевме за овој Велигден се Истанбул, Будимпешта, Прага како автобуски тури и Рим, Париз и Барселона со авионски превоз.“

Најголем дел од луѓето сепак празникот ќе го одбележат дома. Нискиот стандард, кризата и големата невработеност повеќе не дозволува богата трпеза и славење како некогаш.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG