Достапни линкови

Киро Глигоров, поранешен претседател на Македонија. Фактот што Македонија е независна помага проблемите со соседите да се решаваат


Вие бевте прв претседател на независна Република Македонија. Од денешен аспект, како ја оценувате состојбата. Кои се предизвиците пред Македонија сега?

Има некои предизвици кои имаат историско потекло и тие уште живеат и тоа се гледа по однесувањето на некои наши околни соседи од кои едни велат вие не може да се викате Македонија, други велат дека не сме народ македонски, туку Бугари или Срби или слично, тие работи не се поминуваат така едноставно, ниту за десет, ниту за 15 години. Тие имаат свој длабок корен и тие работи живеат, но фактот дека ние сме сега независна држава постепено ќе ги менува тие работи. Некаде побргу, некаде потешко и побавно. Не знам кого би издвоил и да кажам каде ќе биде најбргу постигнато, да се заборави минатото и тие претензии и слично, но мислам дека историски тоа ќе живее уште одредено време. Секако уште следни две генерации ќе се среќаваат со тие прашања.

Веќе го споменавте прашањето околу името. Во времето кога Македонија беше примена во ОН вие дадовте одреден временски рок кога ќе се реши прашањето со името, односно нема да се користи референцата, односно ќе се користи уставното име. Денеска, дали може да дадете некоја проценка, кога може да очекуваме решавање на ова прашање?

Прво, јас тоа не сум го ветил. А, често пати гледам по весниците, тоа прашање се отвора. Еве, претседателот рече за скоро време ќе почнеме да се викаме Република Македонија и слично. Но, тоа се зборови на тогашниот генерален секретар на ОН, Бутрос Бутрос Гали, кој меѓу другите аргументи зошто треба да прифатиме таков компромис, рече и тоа – вие го носите тоа име и не може да ви се одземе, тоа е дел од вашиот идентитет итн и тоа наското ќе биде нормална работа да бидете Република Македонија. Но, тоа не го кажувам затоа што немам во тоа вина или нешто слично, но мислам дека ќе имаме проблеми уште со тоа име. Своевремено кога беа тие преговори, кога Грците видоа дека до притисоци, ембарга и слично не може да се промени тој став на Македонија. Тоа се потврди и со преговорите што ги имавме во Њујорк. Тогаш очигледно заклучија дека сепак треба да се направи некој чекор. Нивното максимално барање беше да се откажеме од името Република Македонија. Јас и особено тој што не претставуваше во Њујорк на тие преговори амбасадорот Тошевски, постојано им говоревме дека тоа е невзоможно. Тоа е дел од нашиот идентитет. Ние живееме во земја која се вика Македонија и ако од тоа се откажеме, ќе се јават некои стари гледања, еве – видовте дека вие не сте Македонци, дека сте Бугари, дека сте Срби итн. И со тоа ништо не се решава. Напротив, се комплицира работата во целиот регион. Тогаш Велика Британија имаше амбасадор во ОН кој таму бил подолго време. Имал голем авторитет. Се трудел во такви тешки ситуации да најде прифатливо решение. И тој констатирал дека името Македонија не може да се брише, тоа нема да помине и ќе ја искомплицира ситуацијата. Да остане името Македонија, ама нешто мора да се направи и за другата страна за да не изгледаат поразени. И тогаш рекол, еве, ние ништо нема да кажеме неточно, сега се растура Југославија, дека Македонија е поранешна југословенска Република Македонија, ама Република Македонија. Така што, отстапката е многу значајна од грчка страна. А, од наша страна е повеќе чувство дека ете, не сме успеале да го одбраниме нашето уставно име. Тогаш на генералното собрание ние ниту тоа не можеше да го добиеме. Затоа што, мнозинството беше под големо влијание од грчката не само пропаганда, туку и од историски факти кои тие ги пласираа на свој начин. Дека цела Македонија е нивна. Дека ние сме натрапници. Дека сакаме да им го присвоиме културното наследство, имаме територијални претензии, а Грција е членка на НАТО и ЕУ, а таму владее и принцип на солидардност. Така што, ние со тоа не можевме да пробиеме по никоја цена да нема некоја додавка, но додавка која нам не може да ни пречи да се викаме Република Македонија. Друго, во тој привремен договор за нас има и некои работи кои се многу добри. Прво, во еден од членовите пишува дека Грција ја признава новата држава. Со тоа се заврши со таа идеја дека ние не треба да постоиме како држава бидејќи сме опасност за нив. Второ, таму пишува дека Грција ќе воспостави полни дипломатски односи со таа држава, а привремено ќе има канцеларија за врски во Скопје и Атина, со тоа се воспоставија врски и контакти и можност да се разговара и да се развиваат контактите меѓу нас, како што тоа и се случи. Особено на економски план. И трето, таму има еден член, сега кога слушам дека Караманлис рекол, ако е тоа така, дека тие нема да се помират ние да бидеме примени во ЕУ и НАТО, а имаат право на вето, тогаш мора да се сетат, дека во таа привремена спогодба пишува – дека Грција не само што нема да прави пречки Македонија да влезе во сите меѓународни организации вклучително ЕУ и НАТО, туку и ќе и помага, така што тоа се заплашуавања на народот кој тие работи не може да ги знае или не е во детали запознаен со таа работа.

Имајќи ја предвид оваа ситуација. Кога можеме да очекуваме решение за ова прашање?

Тоа можеме да прашаме некој пророк. Грците се упорни. Тие тоа го сметаат за врвен национален интерес. Се плашат. Е сега не го покреваат прашањето за Егејска Македонија, ама во некоја друга ситуација ќе речат дека и тоа е наша територија итн, а без Македонија, Грција е островска земја. Токму тој дел на Македонија, а тоа е 51% од цела Македонија, ги чини европска земја и тоа беше причина да можат многу полесно од нас да бидат поканети да станат членка на НАТО и ЕУ. Така што, тука тие се многу претпазливи.

Велите, Грците се упорни. Какви се Македонците? Каква е македонската страна во целата оваа работа?

Македонците од гледна точка на чувство се исто упорни. Многу е наивно да се каже дека ние не сакаме да се грижиме за нашите малцинства во околните земји. Но, има и една друга вистина. Никој не успеал да ги добие нужните малцински права, ако малцинстовото во секоја од тие земји не е организирано и не е водечки фактор за барање на тие права. А, тогаш ние како држава треба да помагаме.

Се повеќе се интензивира прашањето околу статусот на Косово. Според вас, како тоа би влијаело на Македонија. Каква позиција треба да заземе Македонија по однос на ова прашање?

Тоа е едно исклучително чувствително прашање. Тоа би значело прв пат да се менуваат границите на Балканот, а и во Европа, а не е врз основа на договор на заинтересираните страни, туку наметнато од надвор. Тоа носи една опасност дека такви прашања постојат уште во Европа и таа не може да биде рамнодушна кон тоа. Дали ќе го направи тој чекор од прагматични причини, за да не се повторат тие работи кои се случија во март минатата година на Косово кога беа нападнати Србите и некои загубија животи што остави многу тежок впечаток. Тау со години се формираше слика дека албанскиот народ на Косово е онеправдан, дека тоа се граѓани од втора, трета категорија, дека овие не им даваат ништо и одеднаш се случуваат работи кои не може да се објаснат. Зошто овие луѓе кои сега имаат мнозинство, имаат парламент, влада, бараат независност и имаат значајни сили во светот кои се залагаат за тоа, сметаат дека тоа е решение итн, одеднаш имаат таква политика кон оној остаток од Срби кој е незначителен, нема ниту пет насто. После ќе го прошириме Косово, тука е дел од Јужна Србија – Прешево, Бујановац и Медвеѓа, тие припаѓаат на големо Косово, тоа треба да стане со западниот дел на Македонија, а тоа значи, Струга, Охрид, се до Скопје да припаднат на тоа Косово тогаш Македонија нема да постои. И тоа е нешто што секого мора да го загрижува. Тоа не значи однапред да бидеме против независноста на Косово, но треба да се согледаат сите елементи што ќе стане и какви опасности ќе донесе. Тоа е исто и проблем на Грција. Во Грција има повеќе Албанци отколку кај нас и тие се страшно загрижени и алармирано од тоа што секој ден им доаѓаат Албанци преку границата, а таа не може херметички да се затвори. Тие наоѓаат патишта со помош на Грци да преминат таму, бидејќи работат за половина и третина плата.

Споменавте опасности. Кои би биле опасностите за Македонија?

Да не шпекулираме со некои крајни опасности. Бидејќи ние нема да бидеме без одговор. Но, ако се смета, а за тоа треба време, дека тоа Косово ќе се демократизира, ќе преовладеат струите кои нема да гледаат така, не само на Србија, туку и на сите околу, и дека нема да сонуваат само за Голема Албанија, затоа што тоа нема да биде од корист за нив.
XS
SM
MD
LG