Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска ќе расправаат за потенцијалното започнување на преговори со Северна Македонија и Албанија. Франција и натаму се противи на донесувањето на било каква одлука пред да се реформира преговарачкиот процес со земјите кандидатки.
Северна Македонија и Албанија од 2018 година чекаат да ги започнат преговорите со ЕУ кога донесувањето на одлуката беше одложено за јуни годинава. Но, и тогаш Советот за општи работи на ЕУ реши да се врати на прашањето во октомври. Пред состанокот, позицијата на Франција уште еднаш ја потврди и министерката за надворешни работи на земјата, Амели де Моншалан.
Француското вето што не било вето?
„Сегашната рамка е многу долга и фрустрирачка. Преговорите треба да бидат ефективни, затоа треба да ги преиспитаме “, рече таа, истакнувајќи дека француската држава смета оти земјите-кандидатки првенствено треба да преземат и да спроведат реформи на терен и потоа да започнат преговори за членство.
„Поглавјата што сега се отвораат и затвораат не се во согласност со ситуацијата во овие земји“, подвлече Моншалан.
Франција неодамна ги извести државите членки дека сака да ја промени методологијата на пристапниот процес и дека бара од Европската комисија да изготви стратегија до март следната година со конкретни предлози за спроведување на новата методологија, како и да се известува за реалното спроведување на реформите во секоја земја кандидат.
Финскиот министер за надворешни работи Тити Тупураинен. чија земја е претседавач со ЕУ, истакна дека Унијата има обврска кон регионот на Западен Балкан.
„Не сакам да ја преудицирам дискусијата. Ние како Претседателство целосно го поддржуваме започнувањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, но треба да видиме што ќе кажат земјите - членки затоа што ни треба едногласна одлука “, рече тој пред состанокот.
Министерот за европски прашања на Германија, Михаел Рот изјави дека неговата земја е за почеток на пристапните преговори во согласност со неодамнешната одлука на германскиот Бундестаг.
„ЕУ има одговорност за мир, стабилност, демократија и помирување во Западен Балкан, што значи дека ние мора да ги задржиме нашите ветувања“, истакна Рот.
До неодамна, Холандија беше во група со Франција и не дозволуваше отворање на преговори ниту со Северна Македонија, ниту со Албанија. Денес холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок посочи дека неговата земја би се согласила на зелено светло само за официјално Скопје, кога ќе се исполни и последниот услов.
„Кога станува збор за Северна Македонија, веруваме дека мора да се исполни друг услов, законот на јавното обвинителство. Откако ќе се исполни тој услов, може да започнат преговори за членство. А за Албанија, сметаме дека треба да сторат уште и не се подготвени за почеток на преговори “, рече Блок.
Домашни очекувања
Рано е да се откажуваме и да дигаме раце и оваа недела е пресудна за дополнително да се влијае на процесот за отпочнување на преговори со ЕУ, вели Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика, која не очекува одлуката да биде донесена до самитот на лидерите на ЕУ во Брисел закажан за 17 и 18 октомври.
„Тука има неколку сценарија кои може да ги разгледаме. Доколку се одложи воопшто почетокот на преговорите согласно она што го знаеме дека е француска позиција додека се случи ревидирање на позицијата, тоа би можело да значи поголемо одложување. Иако, ценам дека веројатно тие два процеси ќе бидат паралелни. Одложување како такво нема да влијае позитивно во никој случај на нашата земја и мислам дека секако ќе придонесе за пораст на разочарувањето на населението за европската идеја, којашто со оглед на тоа колкава е се уште поддршката за пристапување во ЕУ ја има доволно во македонското општество“, смета Кацарска.
Предлогот на финското претседателство со ЕУ за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, а во меѓувреме да се усвои и новата методологија за преговори, на која инсистира Франција не беше прифатен на вечерашниот состанок на амбасадорите на Унијата во Луксембург.
Во однос на новата методологија, Кацарска смета дека не е идеја само на Франција, туку во ЕУ подолго време постои незадоволство од постоечките механизми за следење на преговорите.
„Се смета дека тие од една страна не донеле до одржлива промена во земјите кои пристапија по 2014 година, а воедно не доведуваат и до одржливи промени во земјите коишто преговараат во моментов. Така да ние секако треба да бидеме спремни дека во нашиот случај ќе има построги критериуми во однос на исполнување на одредниците, особено за владеење на правото“, додава таа.
Според неа, како ќе се дојде до таа нова методологија е друго прашање, бидејќи ќе има нова Европска комисија на којашто ќе и треба доста време тоа да го разработи. Но, како што наведува Кацарска воедно и преговорите траат доста долго и очекува да бидат применети нови пристапи, не само за Северна Македонија, туку и за Србија и Црна Гора.