Пратениците со 84 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан на 17 октомври, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации“, рече Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, подносителка на Предлог -законот за здруженија. т.
Бугарските здруженија во земјава „Иван(Ванчо) Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ и истоимените клубови ќе имаат рок од три месеци да го променат името или ќе бидат избришани од Централниот регистар, предвидува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измена на Законот за здруженија.
Здружението во најава „Цар Фердинанд“, кое треба да се формира во Богданци, пак, можеби нема да добие „амин“, ако се донесат измените што ги предлага опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе измени на Законот за здруженија на 7 октомври, кога во Охрид се отвори бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.
Борис Трети бил на чело на Бугарија за Време на втората светска војна, кога како сојузник на Нацистичка Германија, окупира голем дел од територијата на Македонија.
Софија се противи на употребата на терминот „бугарски фашистички окупатор“. Бугарските историчари сметаат дека треба да се зборува за анексија, а не за окупација. Власта до 1944 не ја опишуваат како фашистичка, туку како „авторитарен режим под влијание на фашистички идеи“.
Поддршка и од СДСМ
Од СДСМ велат дека Законот за здруженија и фондации навистина бара ревидирање, бидејќи е стар веќе десетина години.
„Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување, но исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите на кои се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, така што секој предлог што е во таа насока ќе го поддржиме“, изјави на 17 октомври пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ во Собранието.
Претходно, премиерот Димитар Ковачевски упати јасен повик до пратениците од владејачката коалиција да дадат поддршка за измените кои ќе го спречат напливот на бугарски клубови со спорни имиња.
Пратениците со 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, исто така дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од СДСМ.
„Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам“, рече координаторот на СДСМ Јован Митрески, образложувајќи го предлогот.
Ова треба да важи и за постоечките и за партиите што ќе се формираат во иднина.
Што предлага ВМРО-ДПМНЕ?
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е да се забрани основање на организации кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава и кои поттикнуваат и повикуваат на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.
Законот ќе се носи по скратена постапка, оти не станувало збор за закон кој е сложен и не е од обемна природа.
Измените предвидуваат организации и здруженија да не може да носат име, псевдоним, кратенка, прекар на лица кои по било кој основ се поврзуваат со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.
Доколку некое здружение сака да носи име на историска личност за тоа треба да добие согласност од Министерството за правда.
Ако се донесат овие измени, организациите и здруженијата во рок од три месеци ќе треба да си ги усогласат имињата и називите со овој закон, а ако тоа не го направат ќе бидат избришани од Централниот регистар на РСМ.
Софија ја следи дебатата за здруженијата
Бугарските здруженија во земјава, се формирани од македонски државјани, но дебатата за новиот закон се следи и во Бугарија.
Копреседавачот на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања Ангел Димитров, во изјава за бугарски медиум на 16 октомври рече дека е апсурдно што на група луѓе – граѓани на својата сопствена држава, им се забранува да имаат поинаков национален идентитет и чувства, без разлика што можат историски да го потврдат и докажат овој идентитет.
„Зачуден сум од еден неверојатен парадокс: Ако името на Иван Михајлов се смета за незаконско и навредливо за националните чувства, тогаш треба да ја забранат и партијата ВМРО, бидејќи на чело на оваа организација бил Иван Михајлов“, смета Димитров.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, потоа му порача на Димитров да се занимава само со историја а не и со политика, оти Димитров меѓудругото рече и дека земјава не се однесува како земја кандидат за ЕУ.
Бугарски клубови со уништена табла и запалена врата
Пет дена по отворањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“, беше уништена таблата со името што стои над влезната врата на клубот, кој се наоѓа во трговскиот центар Амам во Охрид.
Здружението што стои зад овој клуб било формирано лани во ноември, а сега отворија само клуб во центарот на Охрид, град оддалечен 160 километри од главниот град на Македонија. Малото дуќанчето во кое е сместен клубот има книги, фотографии од дејци на ВМРО, икони, фудбалски реквизити и големи портрети на ѕидот на Фердинанд Први, кој владеел од крајот на 19 до крајот на Првата светска војна и е прогласен на Цар на Бугарите. Потоа слика од Цар Борис Трети, кој владеел до 1943 и од неговиот син Симеон Саксобурготски, кој сè уште е жив, а беше и премиер на Бугарија.
Отворањето на клубот предизвика протести и реакции кај јавноста. На протестот во организација на партијата Левица, а поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваа стотина граѓани. Отворањето на клуб со името на бугарски цар кој во времето на Втора Светска Војна бил на страната на нацистички Германија и фашистичка Италија, беше осуден од политички партии, владини функционери, еврејската заедница.
На реакции наиде и отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше тогашниот бугарски државен врв. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.
На 3 јуни беше опожарена портата на клубот во Битола. За тоа беше обвинет пејачот Ламбе Алабакоски. Тој на 27 септември доби условна казна затвор од шест месеци, која нема да се реализира доколку во следните две години не стори ново кривично дело.
Во земјава нема закон со кој се забранува здружение да носи име на контроверзна личност. Па додека се подготви закон, се формираше државно советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.