Џијан Емин е музичар. И, тоа од вистински ков. Немирен по дух, тој им припаѓа на ретките кои не трпат никакви огради или ставања во фиоки. Милува да експериментира со себе како инструменталист, но уште повеќе со сопственото творештво. Со музиката што ја креира и посветено живее. Го има овде дома во најразлични комбинации, со „другарите“ како што вели и речиси исто толку во глобалното село, во тамошните метрополи. Со шегобијна насмевка на лицето, но и со незгаслива потреба да биде постојано во акција. Да раздвижува. Да ја озвучи нашава современост.
Колку и да звучи чудно ова е прв авторски албум на Џијан Емин, иако неговото име може да се најде на дузина други со колегите, пријателите, бендовите со кои свирел. Какво е чувството пред настанот закажан за 20 ноември во Филхармонија?
- Чувството пред секој концерт е посебно. Со голема неизвесност и некако секој концерт како да е прв. Нема комфорна зона, секогаш има многу изненадувања пријатни и непријатни. Особено кога се работи за мој авторски концерт има неколку нивоа на суд кои мора да се поминат. Првото, можеби најтешкото претставување е пред музичарите изведувачи. Треба да се убедат дека музиката е вредна за нивно учество во процесот. Бидејќи во поново време имаме се подобри музичари во оркестрите, нивото на очекување е порасното кај сите. Публиката која доаѓа на културни настани исто така, веќе има истенчен вкус и очекува да има изненадувања, концептуални и од аспект на реализација.Некаде во средината сум јас, кој треба да пресекува за сите овие аспекти и процеси, каков правец да се фати, каков звук да се бара, кој инструменти на која композиција да водат, …итн. ….безброј прашања и дилеми. Одговорот е секогаш кај публиката. Впрочем, затоа и го правиме ова, за да имаме со кого да споделиме. Без публиката сме ништо.
Ќе биде ли тоа репродукција на охридскиот перформанс кој сега стана важен документ за современата македонска џез сцена или, пак, ќе појдете малку понатаму – со збогатени аранжмани, нови инструменталисти во Оркестарот...гости? Каков е вашиот концепт за претставување на музиката што ја пишувате пред публиката?
На концертот ќе го отсвириме актуелниот албум во целост. Дополнително ќе има неколку постари композиции и еден дел од новиот албум кој веќе е во подготовка. Во оркестарот ќе има освежување во делот на перкусиите, а како солисти на гитара ќе ни се претстават Георги Шарески и Зоран Костадиновски. Музиката која је изведуваме не е баш едноставна за изведба бидејќи имаме оркестар од 20тина музичари кои треба да свират како еден мал комбо бенд. Тоа бара друго ниво на подготвеност и добро познавање на музиката која се свири. За моја среќа во овој оркестар нема големи осцилации и очекувам дека ќе има добра енергија на концертот.
Секако музиката трпи многу промени тргнувајќи од фактот дека е ова оркестар кој е подложен на многу импровизации на лице место. Така да ќе ги свириме веќе познатите композиции, но со друг интензитет и зрелост, а со тоа и правиме отварање на неколку нови аспекти во музиката.
Од каде потребата за создавање на МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР кај композиторот, инструменталистот и диригентот Џијан Емин? Станува ли збор за одбрана дружина која би ја изведувала вашата музика или за идеја која не трпи огради и сака да ја ужива слободната форма на дружење и средби со публиката? Конечно, зарем не ви беа доста досегашните форми комуникација – диригент сте во Филхармонија и со Биг бендот на ЗЏМ, до скоро ( до пандемијата) патувавте по светот со најизвиканите диџеи, милувате средби со бендови како да речеме француското трио АНА КАП, тука е вашиот пријател гитаристот Шарески, па Ристо Вртев и новата инкарнација на АРХАНГЕЛ... Што е она што го движи Џијан Емин? Која е неговата филозофија и ќе има ли сили да продолжи со истото темпо како и досега?
Потребата за создавање на МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР дојде сосема природно. Филхармонија е оркестар кој не е создаден за можност на импровизации, а Биг бендот на ЗЏМ е формација која е генерално содадена да свири џез музика. Мене ми треба нешто помеѓу овие две формации. Оркестар кој ќе може да свири на ниво на класичен симфониски оркестар, да има призвук на џез ансамбл и да може да импровизира во дадени ситуации, кои многу често се случуваат спонтано. Мојата идеја е создавање на креативен ансамбл кој ќе може да создава нов звук , со нов сензибилитет кој ќе има посебна текстура во самиот звук. Не знам дали успевам во тоа со МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР, но знам дека досега имало фантастични звучни ситуации кои е невозможно да се напишат, а се случувале на концерт или снимање спонтано испровоцирани едноставно следејќи ја енергијата на музиката како водилка.
Инаку, во изминатиов период имав прилика да работам со многу домашни и странски уметници на најразлични проекти. Мене лично ме радува тоа што во голем дел овие проекти се успешни и публиката и критиката успева да ги препознае. И да ги пофали. Во мојот досегашен музички живот никогаш не сум се ограничил дека ќе работам само во одреден жанр ( тоа секако е склоп на околности) и денес ќе кажам дека тоа не е воопшто лошо, туку јас го гледам како некое непроценливо богатство на музичко пријателство.
Еден од таквите е проектот на Филхармонија со песните на Ристо Вртев и АРХАНГЕЛ. И покрај тоа што многу добро ја познавам таа музика, предизвикот беше огромен, имено како да се излезе од вообичаениот пристап на аранжирање со оркестар и тој капитален опус на песни да прозвучи без бенд само со Оркестар.
Покрај ова имав настап и со Влатко Стефановски заедно со Филхармонија за кој како и на АРХАНГЕЛ ја добив довербата од авторите сам да ја изберам програмата кој ќе се изведува. За проектот со Влатко веќе имаме договорени настани кои ќе се реализираат наредната година на меѓународната сцена.
Имаше и уште неколку сериозни настани на кои бев еден од учесниците или иницијаторите оваа година. Едноставно, наспроти пандемијата некако успевавме да подготвиме и да имаме голем број на концерти и снимања.
Инаку, желба и сила за музика има постојано. Да сме здрави и живи и ќе правиме уште многу убави работи во блиска иднина.
Курт Елинг и Биг бендот на Здржението на џез музичари на Македонија на Загребскиот џез фестивал
Неодамна со Биг бендот на ЗЏМ бевте во Загреб на тамошниот џез фестивал каде го придружувавте Курт Елинг, еден од најзначајните современи џез пејачи. Хрватските електронски медиуми само со пофални зборови го оценија вашиот настап. Како вие и вашите колеги музичари го доживеавте овој настан? Што значи тој воопшто за натамошното делување на Биг бендот во пошироки рамки и има ли шанси Елинг во догледно време да го видиме како ваш (наш) гостин овде во Македонија?
Концертот со прочуениот американски џез пејач Курт Елинг во Загреб одржан во првата декада на ноември беше едно заокружување на еден подолг период и една слатка потврда за постоењето и квалитетот на Биг бендот на Здружението на џез музичари на Македонија. Перформансот помина навистина прекрасно, во убава атмосфера и со високо ниво на изведба на Елинг и на членовите на ЗЏМ.
За нас секако е ова голем настан, бидејќи ние сме оркестар од Македонија кој постои на ентузијастичка основа со цел правење убави квалитетни настани. Така, настапот на Загребскиот џез фестивал е од големо значење за Биг бендот и дополнително позитивните критики го подигнуваат нивото на расположение.
Од организаторот на фестивалот Дражен Кокановиќ, веќе добивме неколку понуди за настапи со други познати светски ѕвезди од светот на џез музиката. Тоа е дополонитена потврда за нашиот добар во хрватската метропола.
Инаку, за овој настан кај него не препорача Оливер Белопета и ние сме му бескрајно благодарни за тој гест. Од друга страна, Курт Елинг придружуван од Биг бендот на ЗЏМ веќе требаше да се случи во Скопје, но поради неговата презафатеност решивме да го одложиме за наредната година. Јас сум убеден дека Елинг многу скоро ќе го видиме и чуеме во овде кај нас, во Македонија.
Кој би бил следниот исчекор на Џијан Емин со МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР – нов албум, концерти... а кој како автор, диригент и изведувач во догледно време? Ќе тргнете ли повторно во освојување на глобалните концертни сцени?
Со МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР веќе имаме нов материјал кој чека официјализирање и издавање. На тој материјал се појавуваат како гости Оливие Самулијан и Георги Шарески.
Како автор работам и на неколку музички драми од кои едната ќе има премиера оваа година во декември, на текст на Славко Јаневски. Кон крајот на декември, поточно на 26ти ќе го водам симфонискиот мултимедијален настан за деца насловен “Филхармонија патува во вселената”, а на 29-ти декември Новогодишниот концерт на ЗЏМ.
Наредната година во февруари е договорен настап на Филхармонија со француското трио АНА КАП со премиерна музика, во март премиера на музичката драма „Диши љубов!“, потоа концерт со Франческо Тристано со нова музика и многу нови концерти со Биг бендот на ЗЏМ со навистина интересни и ексклузивни гости.
Изминативе две години поради пандемијата многу концерти кои требаше да се случат на големи сцени во светски центри како Лондон, Париз, Берлин….Се надевам дека наскоро ќе има крај на ова чудо наречено Ковид-19 и ќе продолжиме да живееме и функционираме нормално.