Вести
Членови на ВМРО-ДПМНЕ преку политичка фракција бараат оставка на Мицкоски

Фракција за демoкратизација и реорганизација, односно ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ формирале членови на опозициската партија, која денеска беше најавена на прес-конференција од Оливер Андонов, кој во 2016 година беше на еден ден министер за внатрешни работи назначен од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да даде оставка од функцијата и, како што рече Андонов, со тоа да се отвори патот за непоходните демократски промени во партијата.
„Основните политички цели кои сакам да ги посочам на оваа прес-конференција, покрај оставката на Мицкоски и целта за организација на нови избори за нов претседател на партијата, бидејќи сметам дека Мицкоски е потрошен во тоталност, ќе биде и повик до членството да се обединиме“, рече Андонов.
Тој рече дека не се работи за паралелна структура или за нова политичка партија или структура, туку ќе делуваат како политичка фракција во партијата. Според Андонов, Мицкоски е потрошен политички, бидејќи не направил ништо во изминатите 5 години за партијата да се гордее, која според него, не учествувала во ниту еден процес и не одбранила ниту еден национален интерес. Тој посочи дека ќе делуваат преку членовите и преку Централниот комитет од каде имаат поддршка.
„Има незадоволство кај раководството затоа и реков од кај Централниот комитет има доволно луѓе, но во моментов не кажувам кој, каде и како зошто не е добро во моментов да се доведат во непријатна состојба“, додаде Андонов.
Со пратениците, како што посочи тој, не разговарале.
Од опозициската партија реагираа дека иницијативата е безнадежна и беззначајна. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека партијата, според нив, води на сите анкети и има убедлива поддршка од граѓаните кои бараат промени во власта.
„Секако тоа го стимулира амбициите на луѓе и поединци кои се насочени исклучиво кон добивање на функции и позиции, а кои откако нема да ги добијат стануваат жестоки критичари и на тој начин сакаат да влезат во фокусот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
види ги сите денешни вести
Фрлена рачна бомба врз поштата во Звечан

Косовската полиција соопшти дека во зградата на Косовската пошта во Звечан експлодирала рачна граната, додека друга била активирана.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа изјави дека нема повредени, но дека е причинета материјална штета.
Знакот на Поштата на Косово во Звечан на оваа зграда беше поставен минатата недела.
Во него до мај 2024 година функционираше банката Поштенска Штедилница, која работеше во српскиот систем.
Истиот знак на Пошта на Косово беше поставен и во други општини со српско мнозинство на северот на Косово, во зградите каде што функционираа експозитурите на банката Поштенска штедилница.
Косовските власти ја затворија оваа банка, Поштата на Србија и другите институции кои работат во системот на Србија со образложение дека се нелегални, односно немале дозвола за работа. Ова наиде на незадоволство кај локалната српска заедница и критики од Меѓународната заедница.
Минатата година неколку експлозивни направи беа фрлени и врз косовските институции во општините на северот на Косово, додека косовските власти оценија дека „криминалните и терористичките напади“ имале за цел заплашување.
ЕУ го поздрави формирањето на нова преодна влада во Сирија

Европската Унија го поздрави формирањето на новата преодна влада во Сирија и изрази подготвеност за соработка со неа во справувањето со големите предизвици, изјави синоќа високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Како што е наведено на официјалната веб-страница на ЕУ, Калас изјави дека аспирациите на сите Сиријци мора да бидат исполнети и дека Унијата ќе застане покрај сирискиот народ, обезбедувајќи новата влада да ги почитува своите обврски кон мирна и инклузивна транзиција.
„ЕУ ја повторува својата непоколеблива поддршка за транзициониот процес што го води и поседува самата Сирија – процес кој е мирен, инклузивен и кој ги опфаќа сите сегменти на сириското општество. Сеопфатната транзициска правда мора да обезбеди одговорност за сите злосторства и значително да придонесе за национално помирување“, изјави Калас.
Таа нагласи дека процесот инициран на Конференцијата за национален дијалог, одржана на 25 февруари, ќе има клучна улога во овој контекст.
„Клучно е сите надворешни актери целосно да го почитуваат единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. ЕУ ги осудува сите обиди за поткопување на нејзината стабилност и перспективите за мирна и инклузивна политичка транзиција“, рече Калас.
Министрите на новата сириска преодна влада пред два дена положија заклетва во Народната палата во Дамаск.
Британски, француски и украински генерали на средба за поддршка на Украина

Британски, француски и украински високи воени претставници ќе одржат состанок во наредните денови за да дадат „реален импулс“ на напорите за јакнење на безбедноста на Украина, изјави портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер.
Средбата, која има цел да ги разгледа следните фази на детално воено планирање, била договорена за време на телефонскиот разговор меѓу Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Состанокот следува по неодамнешната средба во Париз на т.н. „коалиција на подготвените“, која вклучува европски земји што ја поддржуваат Украина.
„Лидерите се согласија дека постои реален напредок во долгорочната поддршка за безбедноста на Украина“, изјави портпаролот на британскиот премиер.
Во одделно соопштение, Зеленски нагласи дека ја цени позицијата на Велика Британија во вршењето притисок врз Русија.
„Потребен е силен притисок за да се одврати Русија од ширење на војната. Ова е уште поважно сега, кога Москва се потсмева на обидите на нашите партнери да го придвижат мировниот процес“, изјави Зеленски.
Во исто време, Кремљ соопшти дека Русија и САД ги разгледуваат можните опции за мировно решение на војната во Украина.
Марин Ле Пен: Нема да се кандидирам во 2027, но ќе продолжам со борбата

Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен изјави дека судската одлука со која ѝ се забранува да извршува изборни функции практично ја исклучува од трката за претседателските избори во 2027 година. Таа нагласи дека нема големи надежи дека нејзината жалба ќе биде разгледана пред изборите.
Според неа, забраната е „политичка одлука“.
„Да бидеме искрени, јас бев елиминирана, но вистината е дека елиминирани беа и гласовите на милиони Французи“, изјави Ле Пен за францускиот TF1.
Таа додаде дека ќе ги искористи сите правни средства за да ја поништи пресудата, по што би можела да ја разгледа можноста повторно да се кандидира.
Доколку не успее, 29-годишниот лидер на Национален собир, Жордан Бардела, може да биде нејзин кандидат за претседател.
„Жордан Бардела е голем адут за партијата, и тоа го велам одамна“, нагласи Ле Пен.
Таа истакна дека одлуката на судот претставува „практика која сме ја сметале за резервирана за авторитарни режими“ и дека милиони Французи се „восхитени“ од нејзината борба против „неправдата“.
Француски суд вчера донесе одлука според која Марин Ле Пен од десничарската француска партија Национален собир е осудена на четири години затвор поради проневера на средства од европски фондови.
Според одлуката, две од вкупно четирите години затвор ќе бидат условна казна. Судот пресуди и дека Ле Пен треба да добие петгодишна забрана за вршење јавна функција и треба да плати парична казна од 100.000 евра.
Најмалку 2.065 лица загинаа во земјотресот во Мјанмар

Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар достигна 2.065 лица. Повеќе од 3.900 лица се повредени, а над 270 се водат како исчезнати, јави Ројтерс повикувајќи се на државниот телевизиски канал на земјата.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што го погоди Мјанмар во петокот, на 28 март е еден од најсилните во Мјанмар во изминатиот век.
Индија, Кина и Тајланд се меѓу соседите на Мјанмар кои испратија помошни материјали и тимови, заедно со помош и персонал од Малезија, Сингапур и Русија.
Соединетите Американски Држави ветија помош од 2 милиони долари „преку организациите за хуманитарна помош со седиште во Мјанмар“ и во соопштението наведоа дека тим за одговор при итни случаи од УСАИД, кој е подложен на огромни намалувања под администрацијата на Трамп, се распоредува во Мјанмар.
Предвидливото моделирање на Американската геолошка служба процени дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да достигне 10.000 лица, а загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата.
Шест пациенти од пожарот во Кочани се враќаат од странски болници

Шест пациенти денеска се враќаат од странство, пет од Србија (тројца од КБЦ Ниш и двајца од ВМА Белград) и еден од Италија, соопшти Министерството за здравство. Тие ќе бидат примени во здравствени установи од кои биле испратени и согласно повредите.
Во однос на останатите пациенти во странство, кај дел има подобрување, а неколкумина се уште се интубирани и во потешка здравствена состојба.
Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.
Во здравствените установи во државава остануваат 16 пациенти во добра општа состојба - по шест во Св.Наум Охридски и ГОБ 8 Септември и четири во приватните болници.
„И понатаму внимателно ја следиме состојбата на повредените пациенти и остануваме во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветени на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани“, соопштија од Министерството за здравство.
Трагедијата во Кочани предизвика низа протестни собири на граѓаните во Северна Македонија кои бараат правда и одговорност за пожарот во дискотеката.
Владата на Србија усвои план за изградба на нафтовод од Унгарија до Нови Сад

Владата на Србија усвои Уредба за утврдување на Просторен план за инфраструктурен коридор на нафтовод од границата со Унгарија до Нови Сад во должина од 113 километри.
Просторниот план е донесен заради енергетската безбедност на Србија, се вели во Уредбата.
Гасоводот треба да биде изграден до 2028 година. Проценетата вредност на проектот е 157 милиони евра за српскиот дел од гасоводот.
Вкупниот капацитет на нафтоводот кој ќе се поставува под земја по целата должина е околу 5,5 милиони годишно, пишува во документот што го усвои српската Влада.
Според планот, интерконекцијата со Унгарија е лоцирана во близина на граничниот премин Хоргош на северот на Србија, а крајот на трасата на терминалот „Транснафта“ АД Панчево.
Во октомври 2022 година, Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод, што ќе ѝ овозможи на Србија да се снабдува со поевтина нафта од Урал со поврзување со рускиот нафтовод Дружба (Пријателство).
Властите во Белград одлучија да изградат дополнителна линија за снабдување со нафта кога Хрватска го забрани транспортот на руска нафта на крајот на 2022 година во согласност со санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Србија и Унгарија развија соработка во областа на енергетиката. Во јули 2023 година потпишаа договор за основање на заедничка компанија за трговија со гас.
Србија поради немање сопствени капацитети изнајмува складиште за гас од Унгарија.
Во исто време, овие две земји одржуваат односи со Пекинг и Москва, што наидува на незадоволство во Европската унија.
Шведска објави нов пакет воена помош од 1,6 милијарди долари за Украина

Шведска објави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 16 милијарди круни (околу 1,6 милијарди долари), што е најголемиот пакет досега од оваа нордиска земја, рече Пал Џонсон, министер за одбрана на Шведска, јави Ројтерс.
Најголемиот дел од пакетот, 9,2 милијарди круни, ќе се состои од опрема што ќе биде купена во процеси предводени од шведската управа за одбранбен материјал, рече Џонсон на прес-конференција.
Владата на Шведска го зголеми буџетот за 2025 година на 40 милијарди круни од 25 милијарди проектирани претходно, за да се помогне во борбата на Киев против руската инвазија.
Францускиот суд ја осуди Марин Ле Пен и ѝ забрани да се кандидира за јавна функција

Судот во Париз ја прогласи екстремно десничарската француска политичарка Марин Ле Пен за виновна за злоупотреба на фондови на Европската унија ѝ и забрани пет години да се кандидира за јавна функција, јави Ројтерс.
Забраната за кандидирање стапува на сила веднаш, објави судијата на 31 март, откако Ле Пен и осум членови на нејзината партија „Национален собир“ беа прогласени за виновни за проневера на јавни пари.
Судијата ја осуди француската политичарка и на четиригодишна затворска казна, од кои две се во домашен притвор, а две се условни и на парична казна од 100.000 евра.
Речиси е сигурно дека пресудата ќе биде обжалена, а нема да се изрекуваат ниту затворска ниту парична казна додека не се исцрпи жалбениот процес. Тој процес во Франција може да трае со месеци, па дури и со години.
Но, нејзината петгодишна забрана да се кандидира за јавна функција стапува на сила веднаш, преку таканаречената мерка „привремено извршување“ што ја бараат обвинителите, а ќе биде укината само ако жалбата биде усвоена пред изборите, пренесува Ројтерс.
Сепак, Ле Пен ќе задржи пратеничкото место до крајот на мандатот.
Ле Пен веднаш не ја коментираше одлуката на судот.
Нејзината десна рака, Џордан Бардела, претседател на „Национален собир“, рече: „Денес не е само Марин Ле Пен која е неправедно осудена: француската демократија е убиена“.
Одлуката на судот е неуспех за Ле Пен, која во моментов, според анкетите на јавното мислење, е фаворит за следните претседателски избори во Франција.
Според судот, Ле Пен е виновна за проневера на 474.000 евра, поради фиктивно вработување на четворица помошници од нејзината партија во Европскиот парламент.
Ле Пен и 24 членови на нејзината политичка партија „Национален собир“ беа обвинети дека ги пренасочиле парите на Европскиот парламент за да ги платат партиските вработени.
Како што пренесуваат весниците „Монд“ и „Фигаро“, судот проценил дека вкупната штета изнесува 2,9 милиони евра, бидејќи претставниците на нејзината партија „вработувале во Европскиот парламент луѓе кои реално работеле за Национален собир“.
Ле Пен ја напушти судницата пред изрекувањето на пресудата. Се очекува таа да поднесе жалба на пресудата.
Ле Пен претходно најави дека 2027 година ќе биде нејзино последно учество на претседателските избори и дека ќе го задржи своето место во парламентот до крајот на мандатот.
Пристигнувајќи во судот во понеделникот, на 31 март, таа не сакаше да разговара со новинарите, а претходно ги обвини обвинителите дека бараат нејзина „политичка смрт“.
Обвинетите тврдеа дека парите на Европскиот парламент биле користени легитимно, но судијата Бенедикт де Пертуис во пресудата навел дека „сите овие луѓе всушност работеле за партијата и дека законодавецот на ЕУ не им дал никакви задачи“.
Во Литванија пронајдено возило со четворица исчезнати американски војници

Спасувачките екипи извлекле потонато воено возило во Литванија, во кое се превезувале четворица американски војници кои се водат како исчезнати, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Оклопното возило М88 Херкулес беше пронајдено на 31 март, потопено во мочуриште, шест дена откако беше почната спасувачка операција на воениот полигон Пабрада, во близина на границата на Литванија со Белорусија.
Литванскиот министер за одбрана, Давиле Сакалиен, изјави дека допрва треба да се утврди што се случило со четворицата војници.
„Не можеме да зборуваме за тоа во овој момент, бидејќи, прво, сè уште нема информации, а дури и кога ќе добиеме информации, постои строг договор дека Американците први ќе излезат со каква било објава“, изјави Сакалиен за литванското државно радио на 31 март.
Литванија, членка на НАТО и на Европската унија (ЕУ), е домаќин на повеќе од 1.000 американски војници стационирани во неа на ротациона основа.
Американската армија за Европа и Африка претходно соопшти дека четворицата војници „вршеле планирана тактичка обука“ кога исчезнале на 25 март.
Во првите часови од операцијата за спасување, се појавија неколку спротивставени тврдења, вклучително и коментарите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека четворица американски војници се мртви. Портпаролката на НАТО подоцна ги отфрли тие коментари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете