Колку инвазијата на Русија во Украина е закана за стабилноста на Европа?
Мислам дека по се она што го гледаме инвазијата на Украина претставува сериозна закана за Европа. Особено поради фактот што ова е дел од барањето на Путин, кои што веќе тој ги операционализира, сакајќи да прати јасна порака за тоа дека е сериозен во намерите и барањата кои ги испорача пред НАТО. Колку тоа и да не ни се допаѓа најверојатно ќе треба да почнеме да размислуваме сериозно за поинакви типови на одговори освен дипломатските и економијата. Сум за тоа дека треба да се даде шанса уште еднаш на дипломатијата, но очигледно е дека калкулусот во Русија е малку поинаков од оној либерално западен кој што смета дека ќе може да ги реши проблемите со други инструменти на моќ наместо со војна.
Какви ефекти врз Балканот ќе има инвазијата?
Директни ефекти, безбедносни сега во прв бран не очекувам дека ќе има, но очекувам дека ќе има сериозни економски ефекти врз Балканот. Е сега ако ситуацијата ескалира и понатаму во тој случај можни се лоши сценарија особено во ранливите делови или таканаречени условно замрзнати конфликти каде што работите не се до крај завршени или проектите се на некои стаклени нозе. Зборувам за мирот во Босна, дел од Косово и сето тоа може да има во најлош курс на акција, иако не гледам дека во оваа фаза дека ќе има некој си посебен проблем таму.
Колку руското влијание кое е присутно и на Балканот ќе претставува притисок врз обединетиот фронт за поддршка на Украина?
Ќе претставува огромен притисок заради тоа што гласовите пред се на оние кои што го поддржуваат рускиот пристап во решавањето на проблемите на светско рамниште стануваат се погласни и заради тоа што Русија успеа да го окупира целиот либерален свет и пристап на таканаречената пракса на дипломатија, или онаа мека моќ- soft power со кој што Западот работеше и функционираше. Фактот дека тие навлегоа и го искористија целиот начин на таргетирање на граѓаните преку современите комуникациски технологии и социјалните мрежи, односно продукт и алгоритми произведени за една поинаква сфера, за економски профит и итн. сега му дадоа еден политички префикс кој е многу опасен, бидејќи целиот начин на кој треба вие да се справувате подразбира драстично менување на инфраструктури и системи кои што се воспоставени да функционираат за други услови. Меѓутоа ако е цената тоа, ќе мора да се направи и тоа, затоа што се повеќе и повеќе е јасно дека таа моќ на влијание станува изразена и гласовите кои што порано да кажеме беа срамежливи сега се се посилни и посилни.
Државниот врв ја осуди инвазијата и го поддржа територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Што може нашава земја да преземе конкретно во една ваква ситуација?
Ние во суштина сами не би требало да бараме и преземаме и ние мора да се држиме колективно до оној колективитет на кој припаѓаме. Мислам дека тоа сега за сега се прави одлично, бидејќи ние прво како фактор сме минорни или да кажеме специјално сами по себе не можеме ништо да направиме. Но, и било какви излети надвор од оние зацртани текови евроатлански би биле погубни за нас. Така да мислам дека колективитетот и солидарноста со НАТО и пред се зацртаните да кажеме патишта на евроатланска интеграција кои што сме ги вложиле треба да останат во таа насока. Нормално тука треба да се пресметаат и сопствените интереси за да сето тоа биде избалансирано и направено со најмал можен ризик по нас.