Достапни линкови

Руските сили ја нападнаа Украина откако Путин нареди „специјална операција“


UKRAINE-RUSSIA-CONFLICT
UKRAINE-RUSSIA-CONFLICT

Експлозии и пукотници беа забележани во Киев и други украински градови, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „специјална“ операција за „демилитаризација“ на земјата, потег што може да сигнализира почеток на тешки борби меѓу двете земји.

Извештаите од западните новински агенции рано на 24 февруари наведуваат дека повеќе градови биле нападнати и дека копнените сили влегуваат во Украина од различни позиции во Русија и Белорусија. Видеото во живо од CNN покажа експлозии во неколку делови на главниот град Киев. Ројтерс цитира сведок кој вели дека експлозии се слушнале во Киев.

Пукотници се слушнале во близина на главниот аеродром Бориспил во Киев веднаш откако Русија ја објави операцијата, објави новинската агенција Интерфакс, цитирајќи локални медиуми.

Русија ја нападна Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Интерфакс објави за ракетни напади врз воени објекти низ Украина и оти руските војници слетале во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол. Исто така, објави дека персоналот и патниците се евакуираат од аеродромот Бориспил во Киев.

Првичните извештаи не можеа сите да бидат независно потврдени. Засега нема информации за повредени или загинати. Украинскиот пртетседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничната полиција на земјата и дека експлозии се слушнале во многу градови.

Тој рече дека е прогласена воена состојба низ целата земја и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден.

Во одвоено соопштение, украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека целта на руската воена операција е уништување на украинската држава.

Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба во четвртокот на Твитер напиша: „Путин штотуку започна целосна инвазија врз Украина. Мирните украински градови се под удари. Ова е агресија. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Сега е време да се дејствува“.

Зеленски: Русија ја напаѓа „нашата воена инфраструктура“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00

Во телевизискиот говор до нацијата рано на 24 февруари, Путин се обиде да ја оправда офанзивната операција тврдејќи дека мора да ја спречи Украина да се здобие со нуклеарно оружје, објави руската државна телевизија. Тој ја повика украинската војска да го положи оружјето.

Русија најави силен одговор на американските санкции

Путин ги предупреди другите земји дека секој обид за мешање во руската акција ќе доведе до „последици кои никогаш не ги виделе“. Тој рече дека нападот е потребен за да се заштитат цивилите во источна Украина - тврдење за кое САД предвидуваа дека ќе биде оправдување за инвазијата.

Во телевизиско обраќање, Путин ги обвини САД и нивните сојузници дека го игнорираат барањето на Русија да ја спречи Украина да влезе во НАТО и да и понуди на Москва безбедносни гаранции. Тој рече дека целта на Русија не е да ја окупира Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден веднаш ја осуди операцијата, нарекувајќи ја „неиспровоциран и неоправдан“ напад врз Украина и рече дека светот „ќе ја бара одговорност од Русија“.

Тој рече дека Русија ќе биде одговорна за „катастрофалната загуба на животи и човечкото страдање“. Бајден рече дека ќе и се обрати на нацијата на 24 февруари.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, остро го осуди рускиот „непромислен и неиспровоциран напад“ врз Украина и рече дека сојузниците на НАТО ќе се состанат за да се справат со последиците од „агресивните дејствија“ на Москва.


Во изјавата рано во четвртокот, Столтенберг рече: „Уште еднаш, и покрај нашите постојани предупредувања и неуморните напори да се вклучиме во дипломатијата, Русија го избра патот на агресија против суверена и независна земја“.

Украински екстремисти обучуваат доброволци во Киев
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Тој ја повика Русија веднаш да престане со воената акција и да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. „Ние стоиме со народот на Украина во овој ужасен момент. НАТО ќе направи се што е потребно за да ги заштити и одбрани сите сојузници“, додаде Столтенберг.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш упати молба до рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната „во име на човештвото“.

„Претседателе Путин, во име на хуманоста, вратете ги своите војници во Русија“, рече Гутереш, говорејќи по итниот состанок на Советот за безбедност за Украина. Последиците од војната би биле погубни за Украина и далекусежни за глобалната економија, додаде тој.

Русија собра повеќе од 150.000 борбено подготвени вооружени сили со тешка опрема на границата со Украина, нешто што НАТО го опиша како најголемото воено засилување на европскиот континент од крајот на Студената војна.

Тензиите се зголемија уште повеќе кога Путин оваа недела рече дека ги признава обидите за независност на два сепаратистички региони во источна Украина и испраќа трупи на териториите - потези кои ги осудија повеќето западни земји и шефот на ОН. Путин со недели негираше какви било планови за инвазија на Украинa.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG