Достапни линкови

Франција го заостри ставот за датум за преговори со ЕУ


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Јасно изразените пораки на мнозинството европските политичари за подготвеност на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори се во делумна контрадикторност со тврдењето на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние дека не треба да се замижи пред бројните проблеми.

Дипломатските ракавици заменети со директна критика за проблемите во македонското општество во одбрана на решението за одложување на прашањето за датумот за преговори со Европската унија. Вака накусо може да се опише вчерашниот говор на францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние на конференцијата на тема „Како понатаму? Реформи во јавната администрација по јунскиот Европски совет“. Побаравме коментар за причините за ваквиот став по јасно изразените и исполнети услови на Европската Унија за одредување датум за преговори на кој накусо од француската амбасада ни одговорија.

„Амбасадорот истакна дека сè уште има многу работа што треба да се направи за да се постигне ефективна деполитизација на јавната администрација, особено на локално ниво. Франција ќе продолжи да ѝ помага на земјата на нејзиниот пат кон Европската унија и да ја поддржува предложената реформска агенда во согласност со заклучоците од Европскиот совет во јуни 2018 година, “ се вели во нивниот одговор.

Тој на конференцијата вчера истакнал дека не треба да се замижува пред корупцијата и дилетантното однесување на дел од функционерите од локалната и централната власт, и дека е потребна уште многу работа за да бидеме спремни за датум.

Франција со политиките на Макрон бара некоја форма или начин на преиспитувањето на политиките за проширувањето на Европската Унија и можеби затоа нивниот став во однос на почетокот на преговорите со нашата земја како и со Албанија, не е докрај јасен како поддршката што ја добиваме од другите земји, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ.

„Несомнено е дека нашата земја за почетокот на преговорите според принципот Мерит е повеќе од спремна ако ја споредиме со останатите земји во стадиумот во кој ги почнувале преговорите. Воедно ако погледнеме во претходното проширување преговорите се најдобар инструмент за да се помогне во трансформацијата“ вели Кацарска.

Таа додава дека е клучно да се фокусираме на аргументот дека почетокот на преговорите креира клима во која ќе може подобро да се решаваат прашањата за корупција кои се дел од поглавјето 23, со цел да се работи на целосна трансформација на земјата според европските начела и принципи.

Инаку, европските политичари по објавувањето на препораката од Европската комисија, честопати посочуваа дека ЕУ ќе претрпи голема штета ако веднаш не почнат преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија.

Еврокомесарката за надворешни работи Федерика Могерини на прес конференција изјави дека двете земји се подготвени и оти во интерес на ЕУ е Западен Балкан да стане дел од заедницата.

„Се разбира, секогаш има некоја работа што треба да се направи. Но, особено кога станува збор за Северна Македонија, мислам дека треба да го признаеме големиот напредок што оваа земја го направи во надминувањето на билатералните конфликти, што е предуслов за идно членство, “ изјави неодамна еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ќе се заложи за одредување датум за почеток на преговори на Северна Македонија за членство со ЕУ.

Договорите со Грција и Бугарија, како и реформите во тајните служби беа дел од клучните критериуми кои требаше да го деблокираат патот на земјава кон евроатланската интеграција.

„Паралелно со спроведувањето на Преспанскиот договор, Северна Македонија продолжи да ја покажува својата посветеност да даде конкретни резултати во спроведувањето на ЕУ реформите во клучните области како што се: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал;разузнавачки служби; иреформата на јавната администрација, вклучително и преку „Планот 3-6-9“ и „Планот 18“, се вели во европскиот извештај за напредокот на земјава.

Во однос реформата на јавната администрација, ЕК ја оценува подготвеноста како „умерена“, во делот на судството се констатира дека е направен „добар напредок“. Во однос на борбата против корупцијата и против организираниот криминал, се оценува дека земјата има „одредено ниво на подготвеност“. „Корупцијата преовладува во многу области и останува предмет на загриженост“ се вели во последниот европски извештај за напредокот на земјава, по што беше доделана препораката за отпочнување на преговори.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG