Вашата земја во последните две години направи сè што се очекуваше од неа и сега е ред на ЕУ, е пораката којашто претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск ја испрати по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје, пред донесувањето на одлуката во октомври за тоа дали земјава ќe добие датум за отпочнување на преговори.
„Дозволете ми една метафора. Процесот за пристап кон ЕУ повеќе е маратон, отколку спринт на 100 метри. Како посветен тркач, знам што зборувам. За да стигнете до финишот потребна е сила, издржливост и фокус. Понекогаш јас исто така ќе кажам и трпение. Немам сомнеж дека Северна Македонија поседува повеќе од доволно од сите овие квалитети и сите треба тоа да го ценат. Скопје е најдоброто можно место каде што би сакал да ги повикам лидерите на ЕУ, сега вие завршете си ја својата работа, бидејќи Северна Македонија веќе си го заврши своето“, рече Туск.
Тој посочи дека дошол во земјата за да стане кристално јасно оти нема сомнеж во Брисел за политичката посветеност на владеење на правото и борбата со корупцијата.
„Секако секој може во секое време и секаде да направи повеќе, особено кога станува збор за имплементацијата. Но, ние многу добро знаеме дека вашата Влада е одлучна и конзистентна во ова, како и за продолжувањето на работата на СЈО“, додаде тој.
Заев порача дека сè повеќе е убеден оти земјата е подготвена да ги совлада сите предизвици кои ги носат пристапните преговори и очекувањата и амбициите се дека ЕУ ќе донесе одлука за отворање на преговорите во октомври без натамошно одложување. Според него, очигледен е постигнатиот напредок во реформите, во односите со соседите, како и во целокупната демократската трансформација на земјата.
„Обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеење на правото, во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме, целосно сме ангажирани во согласност со европските вредности и стандарди. Во тие рамки ја гледаме и дебатата за законот за Јавно обвинителство. Случајот „Рекет“ е силен тест за судството и успех на реформите. Институционалното решавање на овој и на сите случаи ќе ја докаже независноста на правосудниот систем и јасната политичка волја за борбата против корупцијата. Тоа е европскиот начин. Тоа е начинот на правната држава и на владеење на правото“, рече Заев.
Тој додаде и дека нема никакво сомневање и на властите им е целосно јасно оти со започнување на пристапните преговори влегуваат во длабинско, долго и трансформациско патување до целта, која е членство во ЕУ.