Достапни линкови

Сме имале Еколошки инспекторат и тој изгоре


Пожар во зградата на Инспекторатот за животна средина
Пожар во зградата на Инспекторатот за животна средина

Дел од граѓаните се сомневаат дека пожарот во Државниот инспекторат за животна средина избил случајно, туку дека нешто треба да се скрие. Други, пак, велат дека не знаеле дека имаме таков инспекторат, а камоли дека работел нешто важно.

Во пожарот што изби во Државниот инспекторат за животна средина изгоре целата нивна архива. Пожарникарите се пожалија дека во зградата не работел ниеден хидрант, па морале пожарот да го гаснат од надвор. Дел од граѓаните се сомневаат дека пожарот избил случајно и потсетуваат на други вакви случаи во државни институции, други поради пожарот дознаа дека во Македонија воопшто имало таков инспекторат, а трети иронично коментираат дека во администрацијата не работи ништо, па ни хидрантите.

За среќа, нема повредени. Само еден пожарникар имаше задушување од чадот, но по интервенцијата на Брзата помош, тој беше во стабилна состојба.

Инаку пожарот изби во поранешната зграда на Комерцијална банка, каде сега се сместени неколку државни институции – Инспекторатот за животна средина, државната новинска агенција МИА и Секретаријатот за европски прашања. Уништени се шест канцеларии и архивата на Инспекторатот, како и дел од канцелариите на МИА, но Агенцијата продолжува со работа.

Во Еколошкиот инспекторат велат дека и покрај тоа што изгоре архивата, имаат електронска евиденција на документите. Дел од граѓаните на социјалните мрежи потсетуваат дека и во поранешните простории на СЈО имаше поплава која уништи дел од документите. Надлежните уверуваа дека сите документи се зачувани, но СЈО потоа беше затворено.

Командирот на Територијалната противпожарна бригада Владимир Симоновски во изјава за медиумите рече дека она што дополнително им ја отежнало работата е тоа што просториите биле преадаптирани и не работел ниту еден хидрант. Во администрација никој ништо не работи, зошто хидрантите би биле исклучок, прашуваат дел од граѓаните.

Други бараат логика – како може ем ништо не работи, ем сакале да скријат битна работа.

Пред да почне да се гради дивоградбата кај Мавровка, која беше урната со владина интервенција по два месеци префрлање на топката меѓу институциите, исто така изгоре кафулето Фонтана кое беше на нејзино место.

Македонија е една од најзагадените земји во Европа. Секоја зима воздухот во големите градови е неколкукратно повеќе загаден од дозволените граници, диви депонии има насекаде, а истражувањата покажуваат дека речиси и да нема дел каде што почвите и водите не се загадени. Токму затоа дел од граѓаните беа изненадени дека во земјава воопшто постоел Инспекторат за животна средина.

Причините за пожарот допрва треба да се утврдуваат. Според првиот човек на Противпожарната бригада најверојатно се работи за неисправна електрична инсталација, бидејќи во овој период од годината причинител не може да биде грејно тело.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG