Достапни линкови

Скопје протера руски дипломат поради постапки несоодветни со дипломатскиот статус


Македонија по втор пат протерува руски дипломат по истиот член од Виенската конвенција- членот 9. Од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат детално, оти велат немале информации, а поранешниот дипломат Огнен Малески не очекува сериозно нарушување на односите Скопје-Москва.

Постапки несоодветни со дипломатскиот статус, а кои што се документирани, истражени и потврдени од страна на Министерството за надворешни работи- ова се единствените информации кои ги дава шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за причините за протерувањето на рускиот дипломат од земјава, потег кој беше објавен во вторникот.

Одлуката била донесена и му била соопштена на рускиот амбасадор Сегеј Баздникин на 14 мај, рече Османи, кој нагласи дека и по неговата претходна реакција за солидаризирање со Соединетите Американски Држави во земјава се отворила лажна дилема- дали државата е со САД или Русија?

„Мислам дека тоа е лажна дилема оти одлуката ние сме ја донеле уште од независноста на државата, дека сакаме да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство, тоа е потврдено со резолуција во парламентот во 1993 година а и во втори месец 2020 година со ратификација на Вашингтонскиот договор. Значи ние имаме јасна, суверена одлука да бидеме дел од НАТО и евроатлантското семејство. Ние не сме политички неутрални, ние не сме воено неутрални“, рече Османи за Канал 5.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се воздржани за коментар за одлуката за протерувањето на дипломатот. Тимчо Муцунски, меѓународен секретар во најголемата опозициска партија и пратеник, вели дека и како партија и како пратеници и членови на собраниската Комисија за надворешни работи немаат конкретни информации кои се причините поради кои Министерството за надворешни работи донело таква одлука.

„Во таа насока, некоректно и мислам нецелисходно е да даваме коментар за одлука која не знаеме зошто се донела. Доколку би имале поконкретни информации тогаш би можеле да дадеме и коментар“, вели Муцунски за РСЕ.

Инаку македонските власти конкретно не кажуваат за што точно е протеран рускиот дипломат. Од Министерството за надворешни работи се повикуваат на членот девет од Виенската конвенција за дипломатски односи. Во тој член се наведува дека државата домаќин може во секое време и без обврска да ја образложи својата одлука да ја извести државата која акредитира дека шефот или кој било член на дипломатскиот персонал на мисијата е персона нон грата или дека кој било друг член на персоналот на мисијата не е прифатлив.

Ова, пак, не е првпат Македонија да протера руски дипломат. Истото се случи и во 2018 година, кога земјава протера еден дипломат поради убиството на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија користејќи нервен агенс Новичок. И за тоа протерување земјава се повика на членот девет од Виенската конвенција. Тогаш од Руската амбасада во Скопје наведоа дека Македонија ќе ги сноси последиците од ваквиот чекор и за возврат протераа македонски дипломат.

Но, три години подоцна односите меѓу Москва и Скопје се чини останаа исти како пред тоа протерување. Премиерот Зоран Заев има повремени средби со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, на нив нагласува дека стратегиската определба е ЕУ и НАТО, а дека сакаат добри економски односи со Русија.

Поголеми промени во заедничките односи не очекува ниту поранешниот амбасадор Огнен Малески бидејќи, како што објаснува, ваквите потези се вообичаени и завршуваат со реципрочна мерка, но не влијаат сериозно врз односите меѓу земјите.

„Во случајов, она што малку ја прави покомплицирана ситуацијата е што имаше неколку случаи на протерување на руски дипломати за други активности во европските земји, пред се мислам на Чешка и Бугарија, и ставањето на Чешка и Соединетите Американски Држави на листа на непријателски земји на Русија...така што има едно заострување и во реториката и на постапките меѓу Русија и одделни западноевропски држави и САД така што можеби тоа на некој начин индиректно ќе влијае, иако пак велам, мислам дека не би требало да се искористи овој момент за нарушување на инаку коректните односи меѓу двете земји“, вели Малески.

Соседна Бугарија, пак, во март соопшти дека привела и обвинила шест лица осомничени за давање класифицирани информации на Русија. Потоа Софија го прогласи за персона нон грата рускиот заменик на военото аташе. Бугарските власти започнаа истрага против шестмината руски државјани осомничени за вмешаност во серија експлозии што погодија четири објекти за оружје во земјата помеѓу 2011 и 2020 година.

Чешка во април го обвини руското воено разузнавање дека стои зад експлозијата во депо за муниција во октомври 2014 година во градот Врбетице при која беа убиени две лица. Подоцна чешката влада протера 18 руски дипломати за кои се сметаше дека се шпиони, покренувајќи низа потези меѓу Прага и Москва.
Русија пак на 14 мај го објави својот официјален список на „непријателски“ земји. На него се најдоа Соединетите Американски Држави и Чешка.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG