Достапни линкови

Се бориме во Бахмут, тврди Зеленски додека Русија прогласи победа


Претседателот на Украина Володимир Зеленски на прес-конференција на самитот на Г7, Хирошима, Јапонија, 21 мај 2023 година.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на прес-конференција на самитот на Г7, Хирошима, Јапонија, 21 мај 2023 година.

Русија тврди дека победила во Бахмут, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека борбите за разурнатиот град во источна Украина продолжуваат. Зеленски се сретна со американскиот претседател Бајден во Јапонија каде што се одржа Самитот на Г7.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека руските сили не го окупирале источниот град Бахмут, велејќи дека украинските војници останале во тој град во источна Украина.

„Продолжуваме, се бориме“, рече Зеленски на прес-конференција по самитот на Групата седум економски најразвиени земји во светот (Г7), што се одржа во Јапонија.

Зеленски рече дека не може да ја открие воената тактика на украинската армија, но нагласи дека Русија „не може да ја победи Украина“.

„Денес нашите војници се во Бахмут. Руската Федерација не го окупираше тој град“, рече Зеленски.

Во првичните изјави денеска, на 21 мај, се чинеше дека Зеленски ја потврди загубата на Бахмут.

Запрашан пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден во Јапонија дали украинската армија сè уште се бори во Бахмут, откако Русите рекоа дека целосно го зазеле, Зеленски зборувајќи на англиски им рече на новинарите: „Мислам дека не“.

„Но, треба да разберете дека таму нема ништо. Тие уништија сè“, рече тој, мислејќи на руските сили. „Нема згради. Штета. Тоа е трагедија. Но за денес Бахмут е само во нашите срца. Нема ништо на ова место“, рече Зеленски.

Но неговиот Кабинет подоцна соопшти дека неговите забелешки биле погрешно протолкувани и дека тој всушност одговарал на прашањето дали Русија го контролира град.

Од Кабинетот појаснија дека тој не рекол дека градот „паднал“.

Платеници на Вагнер веат знамиња на врв на зграда на неидентификувана локација. Сликата е извадена од видеото објавено на 20 мај заедно со изјавата на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин за преземање целосна контрола врз украинскиот град Бахмут.
Платеници на Вагнер веат знамиња на врв на зграда на неидентификувана локација. Сликата е извадена од видеото објавено на 20 мај заедно со изјавата на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин за преземање целосна контрола врз украинскиот град Бахмут.

Русија прогласи победа во Бахмут, Путин честиташе

Русија претходно прогласи победа во Бахмут, иако украинските власти соопштија дека битките за разурнатиот источен град продолжуваат.

Тврдењето од 20 мај на руското Министерство за одбрана, како и на шефот на платеничката група Вагнер, беше проследено со честитка од рускиот претседател Владимир Путин.

Тој им честиташе на војниците „за заземањето на градот“, со порака дека најзаслужните ќе бидат наградени, пренесоа руските агенции.

Руската приватна армија Вагнер на 20 мај соопшти дека конечно го освоила источниот украински град Бахмут по најдолгата и најкрвавата битка во војната.

Спротивставените извештаи за контролата на Бахмут дојдоа кога Украина, наводно, постигнала значаен напредок на бојното поле во областите северно и јужно од Бахмут. Градот, кој пред војната имаше околу 70.000 жители, е целосно уништен за време на речиси 10-месечниот притисок од страна на руските сили, при што главна улога ја одиграа војниците на Вагнер.

Руските трупи се приближија до Бахмут во летото 2022 година, откако ги завршија офанзивните операции во Северодонецк, Лисичанск, Рубижни и Попаснаја. Активните борби во Бахмут започнаа есента минатата година, но руските сили се уште не успеале целосно да го освојат градот, соопштува украинскиот сервис на РСЕ.

Пригожин, кој постојано ја осудува руската редовна војска за напуштање на теренот заземен претходно од неговите луѓе, рече дека неговите сили за пет дена ќе се повлечат од Бахмут за да се одморат, предавајќи ги урнатините на градот на редовната војска.

Москва долго време тврди дека заземањето на Бахмут ќе биде отскочна даска кон напредување подлабоко во регионот Донбас, за кој тврди дека го анектираше од Украина.


Тешката битка достигнува кулминација токму во моментот кога Киев ја подготвува својата контраофанзива.

Генерал полковник Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на Украина, на 21 мај призна дека украинските сили контролирале само мал дел од Бахмут. Но, тој посочи дека неговите војници сепак ќе можат повторно да влезат во градот во иднина.

„И покрај фактот што сега контролираме [само] мал дел од Бахмут, важноста на неговата одбрана е сè уште релевантна“, рече тој во објавата на Телеграм. „Тоа ни дава можност да влеземе во градот во случај ситуацијата да се промени. И ова дефинитивно ќе се случи.

„Продолжуваме да напредуваме по крилните позиции во предградието на Бахмут и всушност се приближуваме кон заземањето на градот во тактичка ситуација“, рече тој.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден на Самитот на Г7 во Хирошима, Јапонија, 21 мај 2023 година
Претседателот на Украина Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден на Самитот на Г7 во Хирошима, Јапонија, 21 мај 2023 година

Посета на Зеленски во Јапонија на Самиот на Г7

Извештаите за Бахмут, дојдоа за време на посетата на Зеленски на Јапонија, каде што тој се состана со западните лидери на Групата седум најразивени економии, во обид да ја зајакне поддршката.
Зеленски во Јапонија се сретна со американскиот претседател Џо Бајден. Тој најави нов пакет воена помош од 375 милиони долари за Украина, кој вклучува муниција, артилерија и оклопни возила. Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот снабдувач на оружје и опрема за Украина.


„Руската брутална агресивна војна претставува закана за целиот свет со кршење на основните норми, правила и принципи на меѓународната заедница. Ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за Украина онолку долго колку што е потребно за да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир“, рекоа лидерите на Г7 во заедничко соопштение на крајот на самитот.

XS
SM
MD
LG