Достапни линкови

Сељами- се чудам зошто Македонците ги повикуваат Македонците да не се попишат


Сељами- нема да ставиме потпис на незаконски попис
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:22 0:00

Сељами- нема да ставиме потпис на незаконски попис

Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељми во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој не гледа ништо лошо во лобирањето дијаспората да се попише.

Без разлика што како Завод за статистика апелирате постојано дека пописот е статистичка, а не политичка операција, политичарите се вмешаа во пописот. Левица апелира да не се отвора врата, ВМРО-ДПМНЕ да се одложи пописот, двајцата владини претставници Артан Груби и Бујар Османи одат по Европа и апелираат да се попишат граѓаните, а впечатокот во дел од јавноста е дека тоа е наменето пред се за албанската етничка заедница. Како гледате на овие вмешувања на политичари?

Знаете како, ние како Државен завод за статистика сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните.

Но, граѓаните веќе имаат впечаток дека политичарите го киднапираа процесот...

Да, но овој однос на попис е однос меѓу Заводот за статистика и граѓаните. Ние им се обраќаме на нив, ние им тропаме на врата на граѓаните, граѓаните ни отвораат врата, граѓаните ни даваат податоци, ние завршуваме со пописот и тоа е тоа. Постигнат е ефектот, пописот е направен. Со ова сакам да кажам дека политичките агенди за жал на Балканот никогаш не престанувале, не престануваат и нема никогаш да престанат. Впрочем тоа и во оваа целосна ненормалност можеби е и нормално поради тоа што на политичките партии тоа им е работа, да најдат агенда, да најдат теми и таму каде што ги нема. Треба да сфатиме сите, јас жалам што не сфаќаат политичките партии дека ако не се одржи пописот губат сите.

Апелирате ли како Завод за статистика до политичарите да не се вмешуваат?

Постојано тоа го правам. Јас дури им велам, вие вмешувајте се, нам ни треба секој кој што би ја олеснил работа во смисла дека секој политички субјект, секој чинител и фактор во државата, во општетството, го повикуваме да ги повикува граѓаните, сите, свои, наши, ваши, оти ништо не правиме лошо ако повикуваме на попис. Кратко, тоа е како да ги повикувате граѓаните да го почитуваат законот.

Господине Сељами, пописот доби и друга боја, па беше сфатено и како мешање во внатрешните работи на земјава, повикувањето до Албанците да се попишат од страна на албанскиот премиер Еди Рама и на косовскиот Албин Курти по средбите со македонскиот вицепремиер Артан Груби. Дали сметате дека ова го обременува пописот, се создава ли недоверба?

Пак ќе повторам, што е лошо во тоа да повикувате граѓани да го почитуваат законот? Јас не се чудам зошто Албанците повикуваат да се попишуваат Албанците, туку се чудам зошто Македонците повикуваат да не се попишуваат Македонците? Што е целта, што е намерата, да не се попишуваат, да направиме деформирани бројки?

Во Законот за попис се наведува „сите акти кои се однесуваат во врска со спроведување на пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот". Што значи ова господине Сељами, дека на пример и резултатите двајцата мора да ги потпишете?

Што е проблемот со тоа?

Опозицијата тврди дека тоа дава политичка и етничка боја на пописот штом статистичка операција треба да биде потпишана од двајца кои имаат различна етничка припадност...

Ништо лошо во тоа нема. За првпат оваа година се прави попис од стручно тело, Државен завод за статистика што впрочем и е работа по сите акти, да прави попис, да прави статистики итн. Значи ако не знае Државниот завод за статистика да прави попис, кој друг би знаел, политичките партии? Знаете дека постојано се зборуваше за доверба во пописите- го прават Македонци нема да веруваат Албанци, го прават Албанци нема да веруваат Македонци па Турците нема да веруваат итн. Еве има и Македонец директор има и заменик директор кои ќе гарантираат, секој од своја гледна точка, за вистинитоста на податоците. Не сме ние тука поставени од никого, ниту пак јас би прифатил такво нешто, да седам тука и некој да ми делегира, господинот Ахмети или господинот Заев да ми се јават и да ми кажат направете вие да има 30 проценти Македонци, 20 проценти Албанци , толку Турци. Ова не е пазар, ова не е отворање на алваџиски тефтер. Ова е спроведување на закон.

Целото интервју со заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељами може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG