Македонија ги олеснува условите за влез за украинските бегалци
Владата ги задолжи надлежните институции во најскоро време да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвување за евентуална бегалска криза. Ова ќе се однесува дополнително и за украинските државјани кои се затекнати во Македонија и не можат да се вратат во Украина заради безбедносни причини. Нив ќе им биде овозможено продолжување на престојот во земјава.
Шпанија праќа воена опрема во Украина
Шпанија одлучи на Украина да ѝ испрати „офанзивна воена опрема“. Затоа што гледам дека постојат (политички) групи кои ја доведуваат во прашање посветеноста на владата за учество во воена помош на Украина, сакам да најавам дека Шпанија ќе испорача офанзивна воена опрема за украинскиот отпор“, изјави денеска премиерот на Шпанија, Педро Санчез, во обраќање пред Парламентот.
Полска пречека околу половина милион украински бегалци
Околу половина милион украински бегалци стигнаа до полска територија од почетокот на руската инвазија во поранешната советска република оваа недела јавува германската новинска агенција ДПА. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека како први соседи на Украина се должни да им помогнат на бегалците од војна, и токму тоа го прават.
ОН: Повеќе од 800 000 бегалци од Украина
Осумстотини триесет и шест илјади луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија, која почна на 24-ти февруари, објави денеска високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР). За само еден ден околу 160.000 луѓе пребегнале, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди, кој повика на хуманитарна помош за Украина и за бегалците од конфликтот.