Гутереш: Незамислива е идејата за нуклеарен конфликт
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, на вонредната седница на Генералното собрание на ОН за Украина во понеделникот (28-ми февруари) рече дека идејата за нуклеарен конфликт е „едноставно незамислива“.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени на подготвеност, што Гутереш го опиша како „застрашувачки развој“.
Прва рунда разговори Украина и Русија без договор за мир
Првaта рунда преговори меѓу Украина и Русија, чија цел беше да се стави крај на руската инвазија врз нејзиниот сосед заврши без конкретен договор. Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин рече дека разговорите со украинските власти траеле речиси пет часа.
Михаило Подољак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека разговорите биле фокусирани на можен прекин на огнот и дека вториот круг би можел да се одржи „во блиска иднина“.
Русија суспендирана од меѓународниот фудбал
ФИФА и УЕФА ги суспендираа сите руски национални тимови и клубови од меѓународните фудбалски натпреварувања како реакција на руската инвазија врз Украина. УЕФА, управното тело на европскиот фудбал, исто така, го откажа спонзорскиот договор со руската енергетска компанија Газпром, откако меѓународните спортски тела на 28 февруари одлучија дополнително да ја изолираат Русија.
Eрдоган: Руската инвазија на Украина е неприфатлива, но ги одржуваме врските со двете земји
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека рускиот напад врз Украина е „неприфатлив“, но дека неговата земја нема да ѝ сврти грб на ниту една дражава, а дека и со двете имаат силни односи. Говорејќи по состанокот на владата на 28 февруари, Ердоган рече дека Турција, членка на НАТО, ќе ги почитува своите обврски кон алијансата, но дека исто така не може да ги игнорира своите „национални интереси“ во регионот.