Минск или Варшава за одржување на разговори Украина – Русија
Кремљ денеска соопшти дека предлага разговорите со Украина да се одржат во главниот град на Белорусија, Минск, откако Украина рече дека е подготвена да разговара за прогласување статус на неутралност, но украинските власти предлагаат Варшава да биде местото на средба, пренесува Ројтерс.
Вучиќ – Србија нема да воведе санкции за Русија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва изјави дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина и го смета за погрешно тоа што се крши тој интегритет, но нема да воведе санкции за Русија.
Тој вели дека при разгледувањето на барањето за санкции за Русија, Србија ќе се води исклучиво од свој интерес, а во моментов витален интерес на Србија не е да воведува санкции за ниту една земја.
Ердоган: НАТО требаше да преземе порешителени чекори во Украина
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека реакцијата на НАТО и западните земји на рускиот напад врз Украина не е одлучна, додавајќи дека се надева на порешителна позиција на Алијансата по денешниот самит на НАТО.
Турција е членка на НАТО и се граничи со Украина и Русија на Црното Море, а одржува добри врски со двете држави. Таа ја повика Русија да го запре нападот и изрази поддршка за територијалниот интегритет на Украина.
Москва остана без организацијата на Шаховската олимпијада
Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) денеска соопшти дека Шаховската олимпијада годинава нема да се одржи во Москва, откако руската војска ја нападна Украина.
Освен Олимпијадата, закажана за периодот од 26 јули до 8 август, во Москва требаше да биде одржан и конгрес на ФИДЕ.