Гир: Цел на санкциите на ЕУ се одговорните за инвазијата врз Украина
Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека санкциите на ЕУ против Русија се донесени на хируршки начин и за цел треба да ги имаат вистинските субјекти одговорни за агресијата врз Украина. Тој додаде дека веќе има и сеопфатен сет на мерки и кон Белорусија и тие санкции ќе продолжат да бидат дел од одговорот на ЕУ.
Украинските преговарачи на пат кон Белорусија
Денеска околу 15 часот по средноевропско време во Белорусија ќе започнат преговорите меѓу украинската и руската делегација, најави членот на делегацијата од Киев, Дaвид Арахамиа. „Киев планира да разговара за воспоставување хуманитарни коридори пред да се префрли на други прашања“, напиша Арахамиа на Фејсбук.
„Гладни“ руски војници ограбуваат украински продавници
На снимка од безбедносни камери објавени на социјалните мрежи се гледа како руски војници во Украина грабаат храна и се обидуваат да украдат сеф. Украинските власти велат дека на руските војници им снемува гориво и храна оти имале резерви за само 3 дена, но тоа не може да се потврди независно.
Борел: Оваа војна треба веднаш да заврши
Европската Унија повикува на итен прекин на огнот во Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.
„Оваа војна треба веднаш да заврши. Повикувам на итен прекин на огнот и итно воспоставување хуманитарни коридори“, напиша Борел на Твитер.