Гутереш: Незамислива е идејата за нуклеарен конфликт
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, на вонредната седница на Генералното собрание на ОН за Украина во понеделникот (28-ми февруари) рече дека идејата за нуклеарен конфликт е „едноставно незамислива“.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени на подготвеност, што Гутереш го опиша како „застрашувачки развој“.
Зеленски потпиша официјалното барање за влез на Украина во ЕУ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија.
Зеленски побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазија на руските сили, јавува агенцијата Ројтерс.
Украина се соочува со масовна неиспровоцирана инвазија од соседна Русија, а Зеленски и претходно денеска ја повика Европската унија веднаш да и даде членство на Украина по посебна процедура.
Антивоени протести низ Русија
Од Санкт Петербург до Сибир, Русите продолжуваат да се спротивставуваат на воената инвазија на Украина од нивната земја, а антивоените протести се проширија во повеќе од 50 градови. Полицијата ги разби протестите на 27-ми февруари, приведувајќи повеќе од 2.700 луѓе, според групата за права ОВД-Инфо.
Македонската влада одлучи да донира воени средства и опрема за Украина
Владата на Република Северна Македонија попладнево соопшти дека се придружува на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ и донела одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина.
„Видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина“, се наведува во владиното соопштение.