Напад врз станбена зграда во Киев, нема жртви
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави фотографија на Твитер на која се гледа оштетување на станбена зграда во Киев од руски ракетен напад.
„Киев, нашиот прекрасен, мирен град, преживеа уште една ноќ под напади на руските копнени сили, проектили. Еден од нив удрил во станбен блок во Киев. Барам од светот: целосно да ја изолирате Русија, да ги протерате амбасадорите, ембарго на нафтата, уништете ја нејзината економија. Стоп за руските воени злосторници!“
Руски ракетни напади, Зеленски вели „нема предавање“, се договараат преговори
Според Интерфакс, Москва извршила напади со крстосувачки ракети и артилерија врз неколку градови, меѓу кои и Киев. Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека „Украина нема да ѝ се предаде на Русија“, а неговиот портпарол дека се договараат време и место за преговори со Москва
Фејсбук ги забрани рекламите на руските државни медиуми
Фејсбук им забрани на руските државни медиуми да се рекламираат на оваа американска социјална мрежа, изјави шефот на безбедносниот протокол на Фејсбук, Натаниел Глејхер. „На руските државни медиуми им забрануваме да објавуваат реклами или да заработуваат со помош на нашата платформа, каде било во светот“, објави тој на Твитер.
Гранатирање и улични борби во Киев
Гранатирање се слушнало во центарот на Киев во саботата наутро, јави дописникот на Ројтерс, по извештаите за пукотници во истата област и напад на воена база во главниот град на Украина. Утрово, 26 февруари, во Киев има и улични борби, поради што властите во главниот град на жителите им се советува да останат во засолништа, да избегнуваат приближување до прозорците или балконите и да преземаат мерки на претпазливост за да не бидат погодени од шрапнели или куршуми.