Достапни линкови

Работа и по пензија, синдикатите против, власта молчи


Скопје
Скопје

Власта не излегува со план како да се задржат сегашните работници во земјава, во услови на голем одлив на квалификувани кадри. Синдикатите бараат големи промени во пензискиот систем, а бизнис заедницата можност работникот да продолжи со работа преку старосната граница.

Егзодусот на работници од Македонија во Западна Европа не покажува знаци на намалување. Во обид да се запре бранот, синдикатите бараат сеопфатна реформа на пензискиот систем, како и ревизија на Законот за работни односи и на колективните договори во јавниот и во приватниот сектор. Тие тврдат дека само со решавање на овие критични прашања земјава може да се надева дека ќе ја задржи својата работна сила и ќе го спречи одливот на мозоци што ги одзема најдобрите и најпаметните.

„Ако зборуваме за градење на домашна економија и задржување на младите, мора да бидеме свесни дека треба да се обнови кадарот кој го имаме во државата, бидејќи заминуваат се повеќе високообразовани и висококвалификувани, а особено заминуваат работници од секторите угостителство и туризам, и од секторот градежништво кој гради туѓи економии по високоразвиените западноевропски земји“, вели за РСЕ Иван Пешевски - потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за приватен сектор.

Синдикатите потенцираат дека пензиската реформа во Македонија не треба да значи зголемување на старосната граница, поради што во повеќе европски земји во моментов се одржуваат протести на работниците.

Иако постојат препораки од Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека во Македонија треба да се зголеми старосната граница за одење во пензија, на таквиот предлог се противат синдикатите.

Ставот на бизнис заедницата, пак, е дека е потребна реформа која ќе овозможи на работникот да му биде дозволено да работи над дозволената старосна граница доколку има таква волја.

Според Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи, овој момент е клучен да се направи флексибилност на пазарот на трудот, со оглед на моменталните разговори за Законот за работни односи меѓу Министерството за труд и социјална политика, Бизнис конфедерација, Организација на работодавачи, Конфедерација на слободни синдикати и ССМ.

„Тоа може да се регулира како што е во одредени сектори и дејности во нашата земја, треба да се направи да биде слободен избор на работникот кој се чувствува дека може да работи и да придонесува. Они кои се истрошени во трудоинтензивните дејности, за нив може да се направи мерка да одат порано во пензија од предвидениот рок. Има луѓе кои се чувствуваат спреми и способни за работа, особено кога би можеле дополнително, покрај пензијата која ја имаат како стекнато право, дополнително да добиваат приходи и да полнат Буџетот со сите социјални придонеси и персонален данок“, вели Бошков.

Недостигот на работници во земјава поради заминувањето во странство на многу граѓани, остава сериозни последици врз бизнисот и економијата. Најмногу погодени индустрии се преработувачката, текстилната и металопреработувачката, како и угостителството и градежништвото.

Германија е една од најатрактивните дестинации каде годишни заминуваат меѓу 2.000 и 3.500 луѓе според податоците на агенциите кои посредуваат за работа во странство. Многу граѓани заминуваат и во Италија, Швајцарија, Кипар и Англија, меѓу нив и оние кои одат на сезонска работа во земјоделскиот сектор.

Синдикатите велат дела работниците во земјава мора да добијат фер услови за работа и достоинствени плати. Реформата на пензискиот систем според нив треба да значи можност за предвремена пензија со наполнет стаж од 35 години за жени и 40 години за мажи, односно да не мора да ја чекаат старосната граница за пензија од 62 години за жени и 64 години за мажи.

Предлогот на синдикатите исто така значи работниците што немаат исполнето услов за стаж од минимум 15 години, да можат со сопствени средства да докупат три години за да ја достигнат старосната граница и да заминат во редовна пензија, а градежните работници да добијат бенефициран стаж поради високиот ризик на нивните работни места.

Овој предлог на ССМ е од 2020 година, но Владата не прифаќа да го имплементира. Додека Македонија се соочува со криза бидејќи нејзината работна сила продолжува да мигрира во потрага по подобри плати и перспективи за работа, Владата допрва треба да обезбеди јасен план за задржување на сегашните работници.

Деаноски - Со плата од 400 евра тешко ќе се привлечат работници од странство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:46 0:00

Министерството за труд и социјална политика засега молчи за тоа дали во Владата се планираат нови модели на пензионирање, оставајќи го отворено и прашањето дали Македонија воопшто има волја да се соочи со овој критичен предизвик. Од министерството не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа дали се планираат некакви реформи за задржување на работниците.

Според актуелниот Закон за работни односи, старосната граница за пензионирање за жени е на 62 години, а за мажи на 64 годишна возраст. Жените имаат можност да го продолжат својот работен век до 64 години.

До пред некоја година професори, лекари и вработени во јавна администрација во земјава можеа за уште три години да го продолжат работниот век, но со новите измени на Законот за работни односи таа можност им е скратена. Можноста да се продолжи работниот век на уште три години беше укината во 2022 година.

Сега работниот ангажман може да се продолжи со спогодба меѓу работодавачот и работникот. Во јавните институции ако има дефицитарни кадри во здравството и во образованието работниците можат да работат како консултанти и да бидат ангажирани со посебен договор за работа доколку во установата каде што работат нема таков вид на специјалисти. Ако продолжат да работат според овој договор, нивната пензија се става во мирување и земаат плата според новиот договор за работа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG