Пратениците наплаќаат патни трошоци како да патувале до Месечината и назад, а не до Струга или Крива Паланка, коментираат граѓаните на социјалните мрежи по информациите дека 73 пратеници од 120-члениот Парламент лани наплатиле 360 илјади евра од Собранието за патни трошоци.
ТВ Сител објави дека 18 од овие 73 пратеници имале по најмалку еден стан во Скопје.
Апсолутни рекордери за оваа година се Мирче Аџиоски од Струга, Јадранка Поцкова од Струмица и Сурија Рашиди од Струга. На овие пратеници на сметките им легнале од 706 до 770 илјади денари, односно меѓу 11 и 12,5 илјади евра или по илјада евра месечно.
На социјалните мрежи веднаш почнаа пресметки колку литри гориво се тоа и колку километри пат може да се поминат со тие пари и што можело друго да се набави.
Други, пак, велат дека исплаќањето на патни трошоци не е спорно, но спорно е ако тоа право се злоупотребува.
Поранешната пратеничка Силвана Бонева е на суд токму поради измама со патните трошоци. Обвинителството ја товари дека од 2011 до 2015 година таа престојувала во своите станови во Скопје, а до собраниските служби доставувала патни налози од туѓи фискални сметки од патарина за да докаже дека патувала на релација Струмица – Скопје и обратно и наплатила над 6,5 милиони денари, односно над 100 илјади евра. Таа негираше и тврди дека имала 9 сообраќајки во тие четири години додека секој ден одела од Струмица на работа во Собранието.
Меѓу пратениците кои имаат станови во Скопје најмногу пари за патни трошоци наплатила пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска од Битола. Таа лани зела над 550 илјади денари, или 9 илјади евра, а поседува два стана во Скопје. Едниот се води на име на нејзиниот сопруг и е со површина од 74 метри квадратни, а другиот се води на „имот на деца“ и е 54 метри квадратни.
Кавадарчанецот Панчо Минов од СДСМ наплатил речиси 530 илјади денари, а неговата сопруга поседува стан од 96 метри квадратни во Скопје.
Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ наплатила 365 илјади денари или 6 илјади евра за патувањата на релација Скопје – Гостивар и обратно, а во анкетниот лист има пријавено четири стана во Скопје, кои се водат како имот на нејзините родители, покажува истражувањето на ТВ Сител.
Пратениците кои живеат надвор од Скопје добиваат патни трошоци од цената на еден литар гориво за изминати пет километри за да присуствуваат на седница. Најмногу земаат тие што живеат најдалеку.
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, кој е од Кочани, во интервју за Макфакс, вели дека терминот пратеник асоцира на патни трошоци, но оти во таа смисла владините функционери се попривилегирани.
„Немаме службени возила, пратениците сами си ги одржуваат возилата, сами менуваат гуми, сами менуваат опрема, сами ги регистрираат. Владата е попривилегирана“, појаснува Лефков, правдајќи ги парите од патните трошоци за пратениците.
Пратениците, кои им служат на граѓаните, имаат законско право на овие трошоци, кои освен за гориво, се и за одржување и амортизација на приватното возило кое се користи за службени потреби. Главниот проблем е што се чини дека граѓаните не чувствуваат дека овие луѓе им служат ним.
По 23 пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ наплатиле патни трошоци. Едните зеле вкупно 133 илјади евра, а другите 132 илјади евра.