Три доживотни казни за тероризам, една казна затвор на 15 години и една на 9 досуди денеска Судот на судењето за убиствата на пет етнички Македонци во 2012. За шестиот обвинет, Сами Љума, обвинението беше отфрлено, поради немање докази, а трошоците за неговото судење паѓаат на грб на државниот буџет. До правосилност на пресудата, осудените одат во притвор. Роднини на осудените најавија протести за в петок, велат ќе се борат да докажат дека осудените не се виновни.
На казни доживотен затвор за тероризам, за убиствата на петтемина луѓе кај Смилковското Езеро во 2012, се осудени Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, но на нив им се судеше во отсуство, оти веќе девет години се во бегство во Косово и не и се екстрадирани на државата. Доживотна казна затвор доби и братот на Африм, Агим Исмаиловиќ. За помагање на сторителите на делото, на 15 години затвор е осуден Фејзи Азири, а на 9 години казна затвор е осуден Хаки Азири.
„Овде никако не се работи за обичен кривично-правен настан, туку за монструозно-садистичко убивање и ликвидирање на деца кои едвај станале полнолетни и еден млад човек. Замислете ги чувствата на егзекутираните жртви една секунда пред нивната смрт, односно пред нивната ликвидација клекнати на колена. Што си мислеле тие млади луѓе? Што се им прошло низ глава за тоа секунд? А зошто ние, што лошо сме сториле, па не сме ни имале време да сториме нешто лошо. Можеме само да замислиме и претпоставиме во која психолошка бездна биле родителите кога разбрале дека нивните деца веќе ги нема и како им е за цело време на долгото време поминато во барање на правда“, рече судијата Огнен Ставрев при изрекување на пресудата.
Судот донесе одлука дека осудените треба да одат во притвор до правосилност на пресудата, откако Обвинителството го побара тоа, бидејќи постои можност за бегство. Одбраната, пак, смета дека имало некоја спрега меѓу Судот и Обвинителството против сега веќе осудените и дека Судот водел двојни аршини за нив. Адвокатите на осудените рекоа дека нивните клиенти не треба да добијат притвор.
Фејзи Азири нуди докази до Обвинителство
Еден од осудените, Фејзи Азири побара во следните десет дена во затвор да го посетат Јавниот обвинител Љубомир Јовески и обвинителката Вилма Русковска. Тој вели дека има докази за вистинските нарачатели и извршители на убиствата. Доколку пак не го посетат обвинителите, тие податоци ќе ги даде на јавноста и на странски амбасади.
По завршувањето на судењето, роднина на еден од осудените, најави протести за в петок против денешната одлука на Судот. Врховниот суд кога го врати процесот на повторно судење побара да се најдат организаторите и нарачателите, но и по ова судење дали слушнавте кои се тие, дали се пронајдени мотивите?, праша Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените.
„Јас немам друго средство, освен, најавувам протести и ги повикувам челниците на државата да дојдат и да протестираат, како што ние протестиравме, не за да рушиме еден систем и една гарнитура на луѓе за да дојдат други на власта, туку протестиравме правниот систем да се регулира. Ние ќе протестираме во петок со сите расположливи средства, ова е еден вид на објавување на војна, но индиректно, не се директни закани, но ние ќе се бориме, нема да бегаме од државата “, вели Ајдари.
Тој бара политичарите да се дистанцираат од оваа одлука на судот и да протестираат заедно со нив.
Адвокатот на одбраната, Насер Рауфи, вели дека по првото судење рекол дека државата е далеку од правда, сега, по второто судење, вели дека државата е уште подалеку, па затоа, како што вели, на судството му треба едно добро прочистување.
„Не се обрна воопшто внимание на одлуката на Врховниот суд, кој де факто ги ослободи оажвие луѓе, зошто нема докази за овој предмет. Видовте каква неправда се направи, меѓутоа одиме напред и ние како одбрана сме сигурно дека ќе стигнеме до правдата“, изјави Рауфи.
По девет години втора пресуда за „Монструм“
Денешната пресуда доаѓа по девет години од убиствата кај Смилковско Езеро. Ова беше повторено судење, со исто обвинение за тероризам и помагање и истите обвинети. Алил Демири и Африм и Агим Исмаиловиќ се осудени за убиство на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски, момчиња на возраст од 18 до 21 година и 45-годишниот Борче Стефановски, кој пред да биде убиен рибарел на езерото. Убиствата се случија на 12 април 2012 за верскиот празник Велигден. Убиените се етнички Македонци, а сега веќе осудените со првостепена пресуда етнички Албанци. Настанот предизвика етнички поделби и протести. Обвинителката Фатиме Фетаи оцени дека настанот можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви. Таа вели дека случката ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците.
Реконструирајќи го случајот, обвинителката Фетаи рече дека убиствата ги извршиле Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ. Хаки Азири ги чекал со возило. Тој знаел само дека одат за завршат некоја работа, но потоа дознал што се случило, но не кажал ништо. Фејзи Азири им помогнал во бегството. За време на судењето не се докажа кој од кое оружје пукал, но се дозна дека кон жртвите било пукано од три огнени оружја.
Случајот „Монструм“ е целосно исконструиран, тврдеше одбраната во завршните зборови. Според одбраната Обвинителството не обезбеди доволно докази и има само голи индиции и не ги докажува претпоставките за можен мотив. Според одбраната обвинетите не се вистинските сторители и не се терористи.
Судење за „Монструм“ – прв пат
Првото судењето за случај „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Во јуни 2014 година, шест обвинети лица беа осудени на доживотна казна затвор. На 24 ноември 2017 година, Врховниот суд ја укина пресудата и процесот го врати на повторно судење, а осудените беа ослободени од притвор. Повторното отворање на случајот уследи по објавувањето на преслушуваните материјали, таканаречени бомби од страна на опозицијата во 2015. Потоа случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток во мај 2018. Во меѓувреме СЈО се укина, но обвинителите на ова обвинителство останаа да го водат случајот. Правни застапници на случајот се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, а процесот го води судијата Огнен Ставрев.
СДСМ и ДУИ бараа и ветуваа меѓународна истрага за случајот, но тоа не се случи. Прислушуваните разговори кои ги објавуваше СДСМ во 2015 беа посочени како нови докази и причина за повторно судење на судски процес. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тогаш рече дека „бомбите“ нема да ги нарушат меѓуетничките односи, но ќе дадат многу одговори. Потоа Заев во 2015 година во интервју за германскиот весник „Ди Цајт“, изјави дека вистината за случајот „Смилковско Eзеро“ може да предизвика судири во Македонија. Eтничките Албанци кои се осудени за случајот Смилковско езеро се невини, рече тогаш тој.
„Тие неправедно седат во затвор“, вели Заев во интервјуто за „Ди Цајт“ кое го пренесе Дојче Веле во мај 2015 година.
Но обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека „бомбите“ не донесоа суштинска промена на обвинителниот акт. Таа не ја исклучува можноста за овој настан во иднина да бидат гонети и други лица, доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство. Тие се во Косово, каде издржуваат казни затвор за друго дело, но и покај ветувањата косовските власти се уште не и ги екстрадирале на Македонија.
Протестите се придружник на судскиот процес од самитот почеток, понекогаш протестите беа насилни, а дел од учесниците беа казнувани, а некои беа и осудени. Овој предмет го следеа и многу шпекулации и политички злоупотреби во периодот на промена на власта. Како сведоци во повторената постапка беа повикани и лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Зоран Заев, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.