Достапни линкови

Последното упориште на анти-талибанците пред неизвесна иднина


Сили на авганистанското движење против талибанците чуваат стража во една постаница во Котал-е Анџуман во областа Паријан во провинцијата Паншир, 23 август 2021 година
Сили на авганистанското движење против талибанците чуваат стража во една постаница во Котал-е Анџуман во областа Паријан во провинцијата Паншир, 23 август 2021 година

Жителите на Панџшир, последното анти-талибанско упориште во Авганистан, даваат огромна поддршка за бунт против тврдокорната исламистичка група. Меѓутоа, тие исто така се загрижени за можните последици од борбите што би можеле да го доведат регионот во продолжена опсада.

Последниот голем бастион на анти-талибанскиот отпор во Авганистан Панџшир се подготвува за нови борби против тврдокорната исламистичка група. Неговите жители се решени на тоа, но тие исто така се загрижени од можноста за продолжена опсада на нивниот планински регион, околу 115 километри северозападно од Кабул.

„Војната би резултирала со човечки и финансиски загуби, би предизвикала раселување луѓе“, вели Мохамед Баат, 31-годишен жител на округот Роха, каде, што според најновите владини проценки, живеат околу 25.000 луѓе „Талибанците може дури и да воведат економско ембарго врз покраината, прекинувајќи ги патиштата за снабдување од сите страни“, додава тој.

Талибанците се вратија, што натаму?

Талибанците велат дека испратиле стотици борци да го заземат Панџшир, единствената од 34 -те авганистански провинции што останува надвор од нивната контрола.

Ахмад Масуд, син на почитуваниот воен и политички авганистански лидер Ахмад Шах Масуд, Кабул, 27 февруари 2020 година
Ахмад Масуд, син на почитуваниот воен и политички авганистански лидер Ахмад Шах Масуд, Кабул, 27 февруари 2020 година

Во Панџшир, Ахмад Масуд - син на Ахмад Шах Масуд, легендарен командант кој се бореше против Советите во осумдесеттите и против Талибанците во деведесеттите години од минатиот век собра илјадници вооружени мажи „подготвени да се борат“.

Меѓутоа, Масуд вели дека не сака „да започне војна“. Наместо тоа, како што изјави, повеќе би сакал преговори со Талибанците, кои влегоа во авганистанската престолнина Кабул на 15 август по големите територијални победи низ целата земја, додека владините сили се откажаа, а силите предводени од САД се повлекоа.

Кои се Талибанците и како функционираат?

„Сакаме да ги натераме Талибанците да сфатат дека единствениот пат напред е преку преговори“, рече Масуд. Тој повика на широка централна влада која ги претставува сите различни етнички групи во земјата.


Силите на Масуд се состојат од локални милитанти и поранешни владини војници кои се повлекоа во Панџшир, наводно, носејќи оружје, стотици оклопни возила и пет воени хеликоптери.

Покрај Масуд е и Амрула Салех, поранешен потпретседател, кој се прогласи за „легитимен преоден претседател“, кога отпорот доби на интензитет откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август. Роден во Панџшир, 48-годишниот Салех ужива широка поддршка во провинцијата.

Портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид на 23 август изјави дека талибанските борци ја опколиле областа. „Непријателот е опколен внатре во Панџшир“, напиша тој на Твитер, но додаде дека Талибанците „се обидуваат да го решат ова прашање мирно“. Муџахид, исто така, изјави дека областите Бану, Дех Салах и Пол-е-Хесар во соседната провинција Баглан „се целосно исчистени од непријателот“.

Талибанскиот портпарол Забихула Муџахид разговара со новинарите за време на прес-конференција во Кабул, 17 август 2021 година
Талибанскиот портпарол Забихула Муџахид разговара со новинарите за време на прес-конференција во Кабул, 17 август 2021 година

Меѓутоа, други извори велат дека овие три области остануваат под контрола на локалните анти-талибански сили, кои неодамна ги освоија од милитантите. Многу жители на Панџшир се надеваат дека отпорот кон Талибанците ќе се прошири до соседните провинции Бадакшан, Баглан, Каписа, Парван и Тахар, каде што етничките Таџикистанци се мнозинство. Тие историски се претпазливи кон талибанското движење во кое доминираат етничките Паштуни.

Талибанците повторно воведуваат репресивни закони за жените во Авганистан

Непотврдени извештаи, исто така, велат дека „илјадници“ главно етнички узбечки милиции предводени од Јар Мохамад Достум му се приклучуваат на отпорот во Панџшир. Јар Мухамед Достум е син на Абдул Рашид Достум, етнички узбекистански воен командант, кој пред две децении ги предводеше војниците против Талибанците, по што имаше различни функции во авганистанската влада.

„Талибанците ќе продолжат да губат области што го опкружуваат Панџшир и секогаш ќе има патишта за снабдување за нас низ овие области“, вели еден жител на Панџшир, под услов да остане анонимен, додавајќи: „Анти-талибанските чувства се многу високи во оваа област и ќе биде исклучително тешко за Талибанците да нѐ држат под контрола“.

Авганистански безбедносни сили на воена обука во областа Бандехој во провинцијата Паншир на 21 август 2021 година.
Авганистански безбедносни сили на воена обука во областа Бандехој во провинцијата Паншир на 21 август 2021 година.

Други пак, се подготвуват на неизвесна иднина, вклучувајќи ја и можноста за продолжена блокада со последователно поскапување и недостаток на храна, лекови и други потреби.

„Панџшир е планински регион и ние ќе се соочиме со многу економски тешкотии ако продолжат борбите“, вели Фаиз, жител на Панџшир, за Радио Слободна Европа.

Известува за правата на жените во Авганистан и покрај смртните закани

Постарата генерација во Панџшир се сеќава на претходната талибанска опсада која траеше повеќе од пет години, кога групата безуспешно се обиде да ја заземе провинцијата во деведесеттите години на минатиот век.

Во претходната деценија, советските трупи се соочија со тешкотии да влезат во Панџшир поради жесток отпор предводен од Ахмад Шах Масуд. Тоа е единствената авганистанска провинција што никогаш не била заземена од надворешна сила во изминатите четири децении војна во земјата.

Во округот Роха, 42-годишниот Џамшид се сеќава на тешкотиите во доцните деведесетти години, кога цените на храната пораснаа „со пакет сол што се продавал за околу 7 долари“ во локалните чаршии.

„Уморни сме од војни, но веќе имаме искуство да живееме под талибанска опсада и ќе го направиме тоа повторно доколку е потребно“, вели Џамшид, порачувајќи: Ќе му се спротивставиме на секој што се обидува да ни наметне беда, неправда и хаос“.

Меѓународните сили го продолжуваат забрзаното повлекување на војската и трескавичната евакуација, вклучително и на некои локални жители кои инаку би можеле да бидат цел на одмазднички убиства од Талибанците.

Милитантната група, наводно, започнала преговори за формирање влада, бидејќи се обидува да ја консолидира власта во Кабул, по две децении кревка централна власт поддржана од ОН, која, предводена од САД, ја презеде функцијата по соборувањето на Талибанците во 2001 година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG